сабота, 27 јули 2024

Синот на Додик демантира дека добил хрватско државјанство

Игор Додик, синот на лидерот на босанските Срби Милорад Додик, ги негираше денес тврдењата дека наводно добил хрватско државјанство. Тој на социјалната мрежа Икс оцени дека таквите тврдења се лаги и измама, а сè искоментира на ироничен начин.

Фото: Икс

Објавено на

часот

Сподели

„Гледам дека сум станал хрватски државјанин, само уште не ми дале пасош, а ни институциите не ми јавиле дека сум барал. Уште една во низата големи лаги кои се лесно проверливи. Господа кои ја објавивте и пренесовте веста, ако ви значи вашиот кредибилитет, прво ќе ја проверевте вистинитоста“, порача Додик Помладиот.

Тврдењата дека Игор Додик барал и пред петнаесетина дена добил хрватско државјанство ги изнесе Никола Кајкиќ, поранешен инспектор во хрватското министерство за внатрешни работи, кој потоа се обиде и во политиката.

Сега како жесток критичар на владејачката ХДЗ, Кајкиќ изнесе и по која основа синот на Додик би можел да бара хрватско државјанство. „Тој (Игор Додик) е Хрват и католик. Семејството Додик во 1627 година преминало на православие“, тврдеше Кајкиќ па праша каков интерес имаат хрватските власти да му дадат на синот на Додик државјанство потсетувајќи дека двајцата се под американски санкции.

Милорад Додик го постави својот син за организациски секретар на партијата Сојуз на независни социјалдемократи, која ја води од формирањето во 1998 и кој сега е членка на владејачката коалиција во БиХ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ