Републиканците веќе долго го обвинуваат 54-годишниот Хантер Бајден за „тргување со влијание“, иако истрагите на Конгресот допрва треба да утврдат каква било вина. Судењето во случајот за затајување данок треба да почне во септември во Калифорнија. Хантер се изјасни како невин.
Според судските документи поднесени во сојузниот суд во Лос Анџелес, романскиот државјанин го ангажирал Хантер за правни постапки во 2015, во времето кога неговиот татко беше потпретседател на тогашниот претседател Барак Обама.
Иако во документите романскиот бизнисмен се идентификува само со иницијали, Г.П., американските медиуми објавија дека станува збор за Габриел Поповичиу, кој во тоа време бил соочен со обвиненија за корупција во Романија.
Обвинителите порачаа дека планираат да докажат дека Хантер Бајден и негов соработник „примиле надомест од странски државјанин кој се обидувал да влијае на американската политика и јавното мислење“ и да ги поттикнат САД „да се позанимаваат со романската истрага за Г.П.“
Во документите се наведува и дека Хантер и неговиот соработник „биле загрижени дека лобирањето би можело да има последици по таткото на обвинетиот“, Џо Бајден, па сакале да ја прикријат „вистинската природа на договорот“. Обвинителите веруваат дека Хантер и двајца соработници поделиле 3 милиони долари кои ги добиле од Поповичиу.
Габриел Поповичиу во 2017 бил осуден на седум години затвор поради измама со недвижности. Републиканците во Претставничкиот дом, кои минатата година отворија истрага за странските деловни врски на семејството Бајден, претходно изразија загриженост околу врските на Хантер Бајден и Поповичиу.
Најновите тврдења против Хантер Бајден доаѓаат помалку од два месеци откако беше прогласен за виновен по сите три точки на обвинението во сојузното судење за оружје одржано во Делавер. Иако му се заканува максимална казна од 25 години затвор, ова ми е прв престап, и тоа ненасилен, па нема да добие толку долга казна.