Синоќа, во периодот од 19 часот па до полноќ, во рамките на планот за зголемено присуство на полицијата и зголемување на безбедноста во градот Скопје, МВР информира дека беше реализирана зајакната акциска контрола за санкционирање на прекршоци што ги чинат возачите на мотоцикли.
„Во акцијата беа контролирани повеќе од 115 мотоцикли и мотори, а санкционирани се 56 возачи. Од нив, 17 возачи не користеле заштитна кацига за време на возење, девет возачи возеле без возачка дозвола, 11 возачи имале несоодветна категорија, четири мотоцикли не биле регистрирани, три возачи не носеле со себе сообраќајна дозвола, еден возач бил под дејство на алкохол, еден не застанал на даден знак СТОП…
Акциските контроли во рамките на оперативната акција ќе продолжат и во идниот период со засилен интензитет. Апелираме до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и со тоа да придонесеме за побезбедни патишта“, се вели во соопштението на МВР.
Во акцијата во саботата вечер пак, во истиот временски период, како што информираше министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, биле казнети 63 мотоциклисти.