петок, 25 октомври 2024
Интервју

Синиша Пекевски: ФИТР се претвори во поддршка на партиски бизнисмени за лично богатење

Стартап компаниите се носител на развојот на економски план на една држава. Со развиен стартап еко систем се добиваат повеќе ефекти, вели во интервјуто за МКД.мк Синиша Пекевски, политиколог и политички аналитичар кој наскоро ќе докторира во Љубљана токму на оваа тема.

Објавено на

часот

Сподели

Мојата цел е да докторирам на оваа тема за да помогнам и во Македонија да се развие тој систем, бидејќи само и единствено на тој начин можеме да се развиеме. Ако се фокусираме да произведуваме работници за странските компании, наместо да развиваме технолошки иновативни компании, Македонија никогаш нема да се развие, вели Пекевски. За жал, Македонија нема Р од развиен стартап систем, самата бројка од 83 стартап компании кажува сè, вели тој.

Ќе докторираш на тема за стартап компании, зошто баш тоа?

-Затоа што стартап компаниите се ностител на развојот на економски план на една држава и мојата цел е да докторирам на оваа тема затоа што сакам во Македонија да се развие тој еко систем бидејќи само така можеме да се развиеме. Имам огромно искуство во претпримеништвото и во бизнис секторот, ама ми фалеше овој академски момент како би ја заокружил таа целина. Од 2006 година работам на промоција на претприемништвото во Македонија и ова е само продолжување на таа цел. Докторските студии ги реализирам во Љубљана, ама во моментот сум на студиски престој во Vilnius University Business school во Литванија каде го работам своето истражување за литванскиот стартап еко систем кој е еден од најразвиените стартап системи во Европа.

Што е стартап компанија?

-Стартап во суштина е новооснована компанија којa развива иновативен производ или услуга и има потенцијал за брз и голем раст. Ама најдобра дефиниција за тоа што е стартап има Шпанија, каде компанијата мора да биде помлада од 5 години, или 7 во случај на биотехнолошки, енергетски и индустриски компании, да имаат иновативен карактер и технолошка основа, да не котираат на берзата и да не делат дивиденди, се наоѓаат во пазарна ниша која претходно не постоела, имаат седиште и мнозинство од вработените во Шпанија. Во Македонија секоја нова компанија се нарекува стартап компанија без разлика дали е иновативна, има потенцијал, има голем пазар…

Има ли разлика помеѓу Словенија и Македонија во развојот на стартап системот?

-Има и тоа огромна е разликата. Во моментот во Словенија има регистрирано 622 стартап компании и нивната моментална вредност, или вредноста на целиот стартап систем е 800 милиони евра и се вработени околу 6.000 лица. Во Македонија вредноста на стартап еко системот е 12 милиони евра и се вработени околу 250 лица. Бројките кажуваат сè.

Кои се најголемите предизвици со кои се соочуваат македонските стартапи и зошто  бројките се толку ниски?

-Па немањето на законска регулатива за стартап компаниите, како и неверојатно ниската поддршка од државата придонесе ние воопшто и да немаме стартап еко систем. Стартап компаниите се соочуваат со недоволни финансии за  развој на своите продукти, а од другата страна високата корупција и поддршката на проекти под поимот „стартап“ придонесе креативните млади или да отвораат компании во странство, или да се иселуваат или работат за големи компании најчесто во ИТ индустријата. Дополнително Македонија, за жал, нема ама баш никаква стратегија за развој на овој сектор и затоа резултатите се такви лоши.

Каква улога играат владините политики и регулации во развојот на стартап екосистемот во Македонија?

-Имаат огромна улога во поддршка и развој на стартап еко системот. Ќе го земам примерот со Србија како наш северен сосед, кој пред една година донесе закон за стартап компании т.н. иновациски закон каде се регулира таа дејност и каде се определени и фондови и средства за развој на тој сегмент. Затоа во моментов во Србија имаме 282 стартап компании, кој вработува 1.400 лица и вредноста на целиот систем е две милијарди евра. А сетете се каде беше Србија пред 20 години, бомбардирана, разурната, луда инфлација и егзодус на млади лица. Или да ја земеме за пример Литванија, која има слични карактеристики (демографски) како Македонија. Нивниот старт ап систем вреди преку 13 милијарди евра и има околу 1.300 стартап компании. Во Литванија има и 3 уникорни, компании кои вредат преку eдна милијарда евра. Бројките кажуваат сè, но таму има и закон и регулатива и поддршка на тој сегмент, за разлика од Македонија. Итно е потребна законска регулатива и носење на закон за стартап компании со висок буџет за поддршка.

Дали постои доволна поддршка од страна на инвеститорите, инкубаторите и акцелераторите во Македонија за новите стартапи, и како може таа да се подобри?

-Не постои ама баш никаква поддршка за стартап компаниите. Улогата која требаше да ја има Фондот за иновации и технолошки развој во поддршка и развој на стартап еко системот се претвори во поддршка на партиски бизнисмени за лично богатење со никаков ефект за македонската економија. Затоа и во Македонија нема Venture funds за поддршка на стартап компаниите, скоро и да нема бизнис ангели или инвеститори. Веќе и наведов, потребна е законска регулатива и финансиски средства за поддршка, ама со јасни критериуми и правила. Нормално и со квалификувани лица кои би го воделе тој процес и развој на стартап еко системот во Македонија.

Дали образовниот систем во Македонија влијае врз стартап културата и развојот на претприемништвото кај младите?

-Па и претходно кажав, нашиот образовен систем стимулира и развива работници, не креативни поединци. Нè подготвуваат да работиме за друг, наместо да нè подготвуваат да размислуваме креативно, иновативно и напредно. Затоа кај нас се отвораат фабрики, а во Литванија технолошки компании. Па пресудете сами дали и кој образовен систем е подобар.

А.Д.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ