„Доколку не се постигне договор со Владата, не се исклучуваат и понатамошни протести, штрајкови и тужби“, изјави претседателот на синдикатот на УПОЗ, Трпе Деаноски, на денешниот протест пред Министерството за финансии.
Тој рече дека во изминатите денови, вработените покажале дека и на минусни температури можат да излезат на протести за да ги остварат своите права. Деаноски истакна дека овие денови се изначитале декларативни соопштенија од страна на Владата, преку кои Владата ги канела на средби преку медиумите, а тие формално не добиле никаква покана за продолжување на дијалогот.
„Бидејќи дијалог не се води преку соопштенија и преку медиумите, синдикатот на УПОЗ денес поднесе формално барање за средба со претседателот на Владата на Р. Македонија. Бараме повторно продолжување на дијалогот што еднострано беше прекинат од страна на Министерството за финансии, со одбивање на предложените колективни договори за додатокот на плата, за овие вработени кои се тука со нас“, појасни тој.
Деаноски додаде дека вработените очекуваат Владата да покаже разбирање и да ја прифати оваа подадена рака од синдикатот на УПОЗ, за изнаоѓање на решение за нивните барања.
„Во спротивно ќе бидеме приморани повторно да ги активираме протестите, како и да ги искористиме сите можности дадени со закон, за изразување на незадоволството на работниците, до остварување на барањата“, подвлече Деаноски.
Зоран Георгиевски, вработен во Министерство за правда, член на синдикатот, рече дека заслужуваат достоинствени услови за живот. А тоа, истакна тој, не може да се постигне со плати кои не го следат растот на животниот стандард.
„Ние бараме еднаков третман за сите. Секој вработен, без разлика на функцијата или местото на работа, има право на исто зголемување и исто признание за својот труд. Бараме зголемување на платите за најмалку 30 проценти, што е минималното што може да се направи, за да се овозможи работниците да го задржат своето достоинство и да обезбедат основни потреби за своите семејства“, нагласи Георгиевски.
Притоа подвлече дека не прифаќаат дискриминација и ќе продолжат да се борат за праведно зголемување на платите за сите.
„Бараме вистинска и праведна распределба на ресурсите, што ќе им овозможи на сите работници да живеат со достоинство. Нема да се откажеме додека не го добиеме она што го заслужуваме. Секој работник заслужува да биде вреднуван и наградуван за својот труд“, рече тој.