понеделник, 15 април 2024

Синдикатот на МКЦ бара институционална препорака до директорот дека хонорарците можат да работат

Синдикалната организација на Јавната установа Младински културен центар – МКЦ информира дека вчера се одржал состано со цел да се најде решение на проблемот што настанал отако не им се продолжени договорите на триесетина повеќегодишни хонорарно ангажирани лица. Синдикатот остварил правни консултации и ги информирал надлежните институции и органи и бара директорот на МКЦ да добие институционална препорака во која ќе се наведе дека хонорарците имаат право да бидат ангажирани и во изборниот период. „Културата мора да продолжи“, велат од сидикатот на МКЦ.

Објавено на

часот

Сподели

На состанокот, вработените во МКЦ, како синдикална организација, по консултација со правни лица, доставија барање до Државната комисија за спречување на корупција како најповикана институција, Градот Скопје, Министерството за култура, Советот на Град Скопје како и директорот и Управниот одбор на МКЦ со диференцијално толкување на спорниот член поради кој не беа продолжени договорите на хонорарно ангажираните лица во МКЦ, а поради кој е попречено нормалното функционирање на институцијата.

Синдикатот потсетува дека по препорака на Државната комисија за спречување на корупција за примена на член 8-а  став 1 алинеја 3 од Изборниот законик, договорите на 30 лица кои беа хонорарно ангажирани Младинскиот културен центар Скопје не им се продолжени.

„Со оглед на тоа дека со ваквата препорака и подоцна донесена одлука, редовно ангажираните 30 лица остануваат без работа и се оневозможува понатамошното вршење на дејноста на Младинскиот културен центар Скопје, должни сме да укажеме на одредени законски одредби кои или не се земени предвид или истите погрешно се протолкувани, а кои треба да доведат до сосема поинаква препорака“, наведува синдикатот на МКЦ во соопштението и го цитира тој дел од законот.

Согласно посочениот член 8-а став 1 алинеја 3 од Изборниот законик, изборот на претседател на Република Македонија, пратеници во Собранието на Република Македонија и изборот на Владата на Република Македонија согласно со резултатите од изборите, не може да се вршат исплаќања на плати, пензии, социјална помош или други исплати и материјални надоместоци од буџетски средства или од средства на јавните фондови кои не се редовни месечни исплати, односно сите едногодишни трансфери и исплати или еднократни трансфери од буџетски средства или од средства на јавни фондови ниту да се отуѓува државен капитал ниту да се потпишуваат колективни договори.

Меѓутоа, се нагласува понатаму, согласно Законот за буџетите, буџетот на единките корисници се состои од основен буџет, буџет на донации, буџет на заеми и буџет на самофинансирачки активности.

Согласно Законот за сметководството за буџетите и буџетските корисници, признавањето на приходите и другите приливи, расходите и другите одливи содржани во главната книга на буџетите и на буџетските корисници се спроведува според сметководствено начело на парично искажување.  Согласно член 18 став 4 од посочениот закон, приходи од член 18 став 1 од Законот за сметководството за буџетите и буџетските корисници се наплатените приходи остварени по видови извори согласно со Законот за буџетите и Правилникот за класификација на приходите, како и приходите од самофинансирачки активности (сопствени приходи), приходи од кирии и закупнини, приходи од донации, приходи од кредити и позајмици и неданочни приходи.

Синдикатот потоа нагласува дека од овие законски одредби јасно произлегува дистинкцијата помеѓу доделените буџетски средства и приходите од самофинансирачки активности (сопствени приходи) со кои институцијата слободно може да располага заради остварување на своите активности и генерирање дополнителни приходи дури и по донесување на одлуката за распишување на избори, кое нешто го има вршено и Младинскиот културен центар преку ангажирањето лица по договори за дело заради функционирањето на киното Милениум, Планетариумот, бифето, програмата и слично.

„Оттука, сметаме дека забраната за исплата на други исплати важи исклучиво за буџетските средства, а не и за располагањето со средствата обезбедени како сопствен приход”, стои во барањето на Синдикалната организација на МКЦ доставена до надлежните институции, директорот и Управниот одбор на институцијата.

„Во барањето е наведен и фактот што одредбата со забрана за располагање на буџетски средства за време на изборниот процес е укината со Одлука на Уставниот суд на Република Македонија  на 17.05.2017 година, каде меѓу другото, Уставниот суд вели дека законодавецот во ниту еден закон го нема дефинирано поимот ‘располагање со буџетски средства’.  Законска дефиниција на поимот располагање со буџетски средства не е содржана ниту во Законот за буџетите, ниту во законите за извршување на буџетите што се донесуваат секоја година, ниту пак во други закони од финансиската област.

Од сето изнесено, јасно е дека со забраната за располагање со буџетски средства предвидена не е и не може да биде опфатено располагањето со сопствените приходи, вклучувајќи ги и исплатите од сопствени средства по договорите за дело за физички лица кои континуирано помагаат за вршење на сопствените активности на Младинскиот културен центар од многу поодамна.

Заради избегнување далекусежни последици по Младинскиот културен центар кои може да се рефлектираат како целосно замирање на културно – забавниот живот на градот, кратење на можноста за извршување на редовните активности и обезбедување средства од овие активности, како и обезбедување минимална егзистенција за физичките лица кои веќе повеќе години се ангажирани врз основа на договори за дело, Синдикалната организација на МКЦ испрати барање за нова препорака до директорот каде ќе биде наведено дека Младинскиот културен центар Скопје има право да ги користи средствата обезбедени од сопствени приходи согласно свое наоѓање, односно за континуирано вршење на сопствените програмски активности и за време на предизборието, затоа што животот и за време на избори сепак тече“, се вели во соопштението и се изразува надеж дека со  итна реакција од повиканите и надлежни институции, ќе се врати нормалното функционирање на МКЦ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ