сабота, 27 јули 2024

Синдикатите до пратениците: Не ви дадовме мандат да ги задоволувате интересите на странски конзорциуми

Објавено на

часот

Сподели

ССМ и СГИП не се консултирани ниту запознаени од предлагачите со новите предлози за измени и дополнување на Законот за работните одсноси поднесени од 14 пратеници  во Собранието по скратена постапка, а веќе 5 години се преговара за нов ЗРО и во ниту еден момент во текот на тие преговори овие предлози не биле разгледувани.

„Ова дополнително ни укажува дека целокупниот процес на преговарање е паушален и не се води на искрени и коректни основи, туку воопшто не се почитуваат ставовите на вклучените синдикати, граѓанскиот сектор и научната и стручната фела во државата се со една цел, да се задоволи еден странски конзорциум на штета не само на работниците, туку на целата држава.

Ве потсетуваме дека минатата година ССМ заедно со Синдикатот за градежништво – СГИП покренаа иницијатива во врска со одредбата за работно време од 60 часа неделно за изградбата на Коридорот 8, која одредба како неуставна и незаконита беше укината од страна на Уставниот суд, односно се укина член 12 од Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа–Струга–Ќафасан) и Коридорот 10 д (делница на автопатот Прилеп – Битола) во Македонија.

Со оглед на фактот што одлуките на Уставниот суд не се коментираат, како што е случајот со одлуката на Уставниот суд со која се укинуваат член 4 од законот за изменување и дополнување на Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија, а пратениците се најповикани да ги почитуваат, крајно некоректно кон работниците е одредена група на пратеници знаејќи за одлуките на Уставниот суд со цел да се изигра ставот на судот, се предлага уредување на ваква одредба во Законот за работните односи, не водејќи сметка за Уставот, законите, колективните договори, одлуките на Уставниот суд, меѓународните трудови стандарди, Конвенцијата за работното време, европските директиви и други меѓународни документи и директно го погазува пристојното работно време и пристојната работа како една од најголемите цивилизациски придобивки.

Уставниот суд не повел постапка за оценување на уставноста на законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи за иницијативата на Стопанската комора на Македонија и констатирал дека со Законот за работните односи се пропишува поволно законско решение од битно влијание врз материјалната и социјалната положба во остварувањето на правата на работниците, како во однос на остварувањето на неработен ден во неделата и примање на надоместок на плата за работа во недела и на празници, со што се заштитуваат и промовираат правата и интересите на работниците, како од аспект на одмор во неработен ден, така и за надоместок на плата за работа во недела и празници, па сакајќи да се удоволи на еден работодавач за бизнис интереси наспроти животот и здравјето на работниците за синдикатите нелогично, нечовечно и крајно непринципиелно и спротивно на интересите на работниците, наспроти барањата на странските работодавачи и конзорциум.

1 Мај се одбележува токму во знак на почит кон жртвите на штрајкот што се одржал од 1 до 4 мај 1886 г. во Чикаго кој  бил организиран со цел воведување на осумчасовен работен ден, па со предлогот на Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи по скратена постапка, мала група на пратеници прави обид фундаменталното право на пристојно работно време и пристојна работа кое е изборено во 1886 година да го погази и Македонија и македонските работници да ги врати 137 години назад!

Не ви дадовме мандат и не ве избравме за народни пратеници за да се ставате во сервилна улога и да удоволувате на странски конзорцииуми и бизнис интереси на штета на животите и здравјето на работниците од чија пот ја земате пратеничката плата сега зголемена за 78%, туку да се ставите во заштита на работниците и граѓаните и да не дозволите ничиј друг интерес пред нивното здравје, живот и егзистенција, зошто без работници, нема гласачи, а без гласачи нема ниту пратеници!

Бараме од пратениците веднаш да го отфрлат ваквиот нечовечки предлог поради тоа што работниците немаат резервен живот, немаат резервна татковина, ниту имаат уставна можност да се откажат од правото на дневен, неделен и годишен одмор поради тоа што ова е темелно уставно право кое работниците мораат да го уживаат“ се вели во писмото до пратениците потпишано од претседателите на ССМ и СГИП Дарко Димовски и Иван Пешевски.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ