сабота, 27 јули 2024

Синдикат на МАНУ: Наместо да биде знаменосец на вредностите, МАНУ практикува недемократски методи

Колку повеќе се тактизира со молчењето пред јавноста, најверојатно поради приоритизирање на „пресметките“ во пресрет на претстојниот изборен процес на нови членови во МАНУ, толку е поголема решителноста на Синдикатот, поради континуираниот притисок зад затворени врати, да продолжи со поставување таргетирани прашања, верувајќи дека некои од нив ќе бидат доволно обврзувачки за да се разбудат засегнатите структури од летаргичноста за сè што се случува во институцијата, пишува во дел од соопштението што Синдикалната организација на Македонската академија на науките и умметностите (МАНУ) го испрати денеска до јавноста.

Објавено на

часот

Сподели

Од Синдикатот на МАНУ го прашуваат „зошто раководните структури, во меѓусебните односи, со потценување и пониско ги вреднуваат интегритетот на личноста, стручноста и компетентноста, како и образованието на вработените во Секретаријатот и стручните единици на МАНУ, а наспроти тоа овие елементи ги пронаоѓаат и таму каде што ги нема кај своите пулени, одгледувајќи ги во расадникот на МАНУ како идни академици“.

„Дали одговорот на прашањето зошто пулените на моќниците воопшто не ги погоди фијаското на предлог-законот за МАНУ, се крие во стекнатите нелегитимни привилегии и права редовно да остваруваат дополнителни приходи за извршени услуги во други институции во текот на работното време во МАНУ кое е особено дискутабилно? Зар новиот тренд на избор на академици од редовите на привилегираната категорија вработени, кои истовремено го задржуваат статусот на вработени лица во МАНУ, примајќи и плата и академска награда, беше главниот мотив да се премолчи неправдата што им беше нанесена на сите вработени?“, прашуваат од Синдикатот на МАНУ.

Оттаму се сомневаат дека зад формално правните критериуми за избор на нови членови во МАНУ, во суштина се кријат нечии „ситни лукративни интереси кои се исполнуваат со инструментализирање на привилегираната категорија вработени, во рамките на проектната активност на МАНУ, надвор од пропишаните акти, по принципот на заемна услужност“.

„Наместо МАНУ да биде знаменосец на вредностите за обезбедување еднаквост и спречување и заштита од дискриминација во остварувањето на човековите права и слободи, како и транспарентност во работењето, таа како институција практикува недемократски методи и селективен пристап. Силни ветришта ќе го одвеат јарболот на МАНУ, а одговорноста како квалификатив очајно се префрла како штафета од рака в рака низ структурите на МАНУ наместо тие достоинствено и гордо да го развеат знамето на мудроста и одлучноста“, реагираат од Синдикатот на МАНУ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ