четврток, 26 декември 2024

Силна размена на оган на Хаити, вооружени банди бараат смена на премиерот

Во главниот град на Хаити, Порт-о-Пренс вчера избувна силна размена на оган, при што водачот на една од најголемите вмешани банди зборуваше за координирани напади со цел да се собори од власт премиерот Ариел Хенри.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Престрелки се слушале во неколку населби во областа Порт-о-Пренс, додека безбедносните сили се обидувале да ги одбијат напаѓачите кои гаѓале полициски станици, полициска академија и други стратешки локации, како што е аеродромот Тусен-Лувертур.

Училиштата, универзитетите и разни јавни и приватни институции ги прекинаа своите активности, додека стотици луѓе се засолниле во своите домови.

Студентите на Државниот универзитет на Хаити биле земени како заложници пред да бидат ослободени, изјави за АФП деканката на земјоделскиот факултет Џоселин Луисен. Најмалку еден ученик бил застрелан и повреден во нападот, додаде таа.

Неколку авиокомпании ги откажаа своите домашни и меѓународни летови откако проектили погодија авиони и делови од аеродромскиот терминал Тусен-Лувертур.

Од атентатот на претседателот Џовенел Моис во 2021 година, Хаити се соочува со сериозна политичка, безбедносна и хуманитарна криза, при што вооружени банди ја преземаа контролата врз поголемиот дел од земјата додека расте бројот на убиствата. На власт од 2021 година, Ариел Хенри требаше да замине од должност на почетокот на февруари.

„Денеска објавуваме дека сите вооружени групи ќе делуваат за да го издејствуваат заминувањето на премиерот Ариел Хенри“, рече водачот на бандата Џими Шеризие, алијас Барбекју, во видеото објавено на социјалните мрежи.

„Ќе ги искористиме сите стратегии за да ја постигнеме оваа цел. Ја преземаме одговорноста за сè што моментално се случува на улиците“, додаде тој.

Премиерот Ариел Хенри моментално е во Кенија, земјата која ќе ја предводи мисијата на ОН за помош на полицијата во борбата против бандите. ОН вчера соопштија и дека пет земји го потврдиле учеството во оваа коалиција и тоа Бахамите, Бангладеш, Барбадос, Бенин и Чад.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ