петок, 26 јули 2024
Претседателски избори 2024

Сиљановска Давкова: Власта мора да се делегитимира и да си одат со фамилиите од политиката

„Ликовите на власт ниту имаат мисла, ниту емоции, ниту ум, ниту смисла за политика, ниту заслужуваат гордост, ниту се горди на Македонија. Тие се горди само на својот статус и на својата бизнис политика, затоа треба да ги испратите! Врв на султанатот Македонија е она што се случи во владата. Сте чуле ли технички премиер да си го слави роденденот со семејството во Владата. Не само што ја приватизираа државата, туку и дворци си направија од државните институции“, рече кандидатката за претседател на Македонија од ВМРО – ДПМНЕ и коалицијата Гордана Сиљановска Давкова вечерва на митинг на коалицијата во Берово. Таа оцени дека тоа не се политичари, туку луѓе на погрешно место.

Објавено на

часот

Сподели

Сиљановска Давкова додаде дека се тоа погрешни луѓе кои не се ниту избрани и нагласи дека подеднакво вина имаат и „првиот“ и „вториот“ премиер.
„Наместо за доброто на граѓаните на Македонија, тие си градеа кули. Ама, тоа ќе бидат кули од пепел, вавилонски кули, тоа ќе се види на 24 април кога ќе им се урне првата и на 8 мај кога ќе им се урне втората и кога ќе мора да си заминат“, рече таа.

„Затоа јас велам дека се однесуваат како римски конзули. Можете да замислите што прави господинот Артан Груби? Му го дава министерството, зградата, на султанот Али Ахмети за  тој таму да се среќава со дипломати, па да слави родендени, па дури и да си пее. Тоа ли е држава?“, рече меѓу другото Сиљановска Давкова пред беровчани.

На митингот потоа во Делчево, Сиљановска Давкова поздравувајќи ги граѓаните, рече дека ѝ е чест да биде во Делчево, градот на Гоце, но кој, како што додаде, за актуелниот претседател е Бугарин.

Она што, според неа го прави специфичен овој натпревар со седумте кандидати за претседател, од една страна е баукот на примитивизмот и  неодговорноста, неосвесноста и непочитувањето на националните и државните интереси. Од друга страна, како што кажа, е нарцизмот меѓу дел од кандидатите, што, според неа,  предизвикува поделби и раздор.

Порача да се внимава на сопствеништвото лично или колективно на Македонија, на државата, на институциите.

„Институциите треба да бидат насочени кон искористување на јавно добро, а не институциите да ги користите во политички цели, да снимате спотови во институциите, славите роденден. Институциите не смеете да ги фамилијализирате.Затоа ние треба да ставиме крај на ужасната феудализација во македонија од луѓе со ограничен ум, од луѓе кои преку ноќ се збогатија. Да ги испратиме надвор од политиката бидејќи со тоа не навредуваат и не повредуваат. Затоа мислам дека ова е пресуден последен момент од кој извира нашиот легитимитет, ама вие сте тие кои морате да ги делегитимирате, бидејќи не водеа сметка за граѓанските потреби интереси и не ги задоволуваа, туку само мислеа на себе“, додаде Сиљановска Давкова.

Мора, нагласи, да се тргне по филозофијата на санкционирање на секој без оглед на каква висока функција се наоѓал или се наоѓа, Уставот и законите мора да важат за сите на оваа линија.

„Се залагам за сериозно преиспитување на статусот при изборот на Судскиот совет, ова го велам како некој кој ќе биде надлежен за именување на двајца членови на судскиот совет, онаа скандалозна институција што не гарантира независно судство туку партиско судство“, додаде кандидатката за претседател од ВМРО – ДПМНЕ и коалицијата.

Најважниот предизвик за сите нас, потенцираше, е беспоштедната битка со корупцијата и криминалот.

„Не само што Македонија лицата од актуелната власт не ја прават горда, туку нè навредуваат и нè повредуваат. Ова е пресуден, последен момент. Вие, од кои извира нашиот легитимитет, морате да ги делегитимирате бидејќи не водеа сметка за граѓански потреби и интереси, туку мислеа само на себе. Нека си одат со своите фамилии од политиката, па ќе им ја видите вредноста“, порача меѓу другото Гордана Сиљановска Давкова.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ