сабота, 27 јули 2024
Претседателката кандидатка најавува

Силјановска Давкова вети скандинавска надворешна политика на Македонија

Кандидaтката за претседателка на Македонија, Гордана Силјановска –  Давкова вечерва најави дека ако биде избрана за шеф на државата ќе води „скандинавска надворешна политика“ кон соседите, правејќи паралела со скандинавските држави и начинот како тие на патот кон ЕУ ги поддржаа балтичките земји произлезени од некогашната СССР кои беа, како што кажа, поназад од земјите на поранешната СФРЈ, меѓу кои и од Македонија.

Објавено на

часот

Сподели

Таа во интервју емитувано на ТВ24 рече дека ако ги добие изборите, веројатно први посети што би ги остварила би биле на Словенија и Хрватска.

„Затоа што ако не се обединиме и поддржуваме регионално, не можеме да очекуваме поддршка од останатите држави“, рече Силјановска-Давкова.

Како пример го посочи поддржувачкиот однос на Шведска, Финска и Данска кон Летонија, Естонија и Литванија на нивниот пат кон демократизација иако, рече, тие биле во полоша стартна позиција од земјите на поранешна Југославија.

Таа рече дека за очекување беше на Македонија први да ѝ помогнат блиските држави членки во ЕУ, но некои од тие, нагласи, не можат да излезат од балканска логика на условување, национализам, балканизација, корупција и криминал.

„Оние кои се внатре нам ни правеа проблеми и забораваат дека во Лисабонскиот договор има еден член 8 што вели дека ЕУ ќе ги поттикнуваат договорите со соседите врз реципрочна основа и ќе и помагаат на патот кон ЕУ“, рече Силјановска-Давкова и нагласи дека „ако склучуваме договори за пријателство и добрососедство нема потреба од закани со вето кое е најмалку пријателство и добрососедство“.

На прашање дали би го поканила на тет-а-тет средба претседателот на Бугарија, Румен Радев, одговори:

„Се разбира, не можете да избегате од географијата и од геополитиката“. Се разбира дека ќе разговарам за сѐ. За да ве почитува некој, треба да му дадете пример. Се разбира дека треба во Бугарија да имате пријатели кои ве ценат за да покажете дека знаете вистински пат да одберете. Ако јас сум објавила книги со Бугарија, ако во Венецијанска комисија сум се дружела со почит со колеги од Бугарија, ќе кажам дека е логично и во политиката наместо најпрагматничната формула кој, кога и како добива врзана само за моќ, можеме да посегнеме и по други перцепции на политиката како уметност на постигање на можноста, како потрага по согласност, по компромис. Како јавна, а не олигархиска работа. Сѐ е тоа во игра“, рече Силјановска Давкова во интервјуто.

Не може, рече, да одговори кога ќе се спроведат уставни измени, посочувајќи дека сме држава како ниедна друга која во тек на 30 години направила толку многу измени на Уставот и „тие не се однесуваат на уставен поредок и демократија, туку доаѓаат однадвор“.

Договорот за добрососедство и пријателство го крши Бугарија, а не ние, нагласи таа и додаде дека е фатален односот „вето ни стои над глава“ и смета дека има и други механизми „гаранции од соседот како доказ за пријателство и добрососедство“.

На прашањето за можна промена на Преговарачка рамка, одговори дека сите договори мора да се базираат на темелните принципи на ЕУ и дека „има и посвета книга“ од Преговарачката рамка, а тоа се Лисабонскиот договор и Повелбата за човекови права.

„Може да течат преговори со Бугарија, но ветото не би смеело да се употреби заради овие темелни принципи. Може со анекс, толкување, со меѓусебен договор дека ветото нема да се употреби како камшик со кој ќе се заканувате на соседите“, рече Гордана  Силјановска-Давкова.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ