петок, 27 декември 2024

Сиљановска-Давкова: Прашањето „дали ќе го смените Уставот“, ме навредува и како професорка, и како претседателка

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во своето прво годишно обраќање во Собранието, истакна дека единственото можно решение за отворање на поглавјата од преговорите со ЕУ,  би било она за уставни амандмани со одложно дејство, утврдено во Уставниот закон за спроведување на амандманите.

Објавено на

часот

Сподели

Таа смета дека тоа би било вин-решение и за Бугарија, зашто, како што посочи, соседната земја би го остварила своето барање, а подоцна би ни помагала во евроинтеграциите. Претседателката повика на обединување во однос на евроинтеграциите и на консензус меѓу власта и опозициата околу заедничките државни интереси.

„Предложивме излезно решение дури и за едно нерационално барање. Со креативно интерпретирање на преговарачката рамка, односно заклучоците, сметаме дека единственото можно решение би било она за уставни амандмани со одложно дејство утврдено во Уставниот закон за спроведување на амандманите, што веќе неколкупати сме го примениле. Во случајов, vacatio legis би се врзал, односно амандманот би стапил во сила по завршувањето на нашите преговори и ратификацијата на договорот за нашето членство во ЕУ. Ова би било ‘вин- решение’ за Бугарија, зашто би го остварила своето барање, ама подоцна, а во меѓувреме, би ни помагала во евроинтеграциите, во духот на преамбулата на договорот за добрососедство и пријателство, свесна дека колку побрзо ќе завршат нашите преговори, толку побрзо таа ќе дојде до целта. За нас, ‘вин’ би била можноста да се занимаваме со европски реформи, наместо со балкански пречки и ние би брзале да ги завршиме преговорите. За двете држави вин-вин би било засиленото пријателство и докажаното добрососедство“, нагласи Сиљановска Давкова.

Претседателката е децидна дека односот на ЕУ кон нас директно зависи од нашиот однос едни кон други и кон Копенхашките критериуми, реформите, европеизацијата.

„Економските, судските, политичките, правните и други промени во насока на хармонизација со ЕУ- стандардите, го јакнеа и ќе го јакнат нашиот кредибилитет и сами по себе не туркаат и приближуваат кон ЕУ. Важно е да ја забразаме евроинтеграцијата, но крајно време е да постапуваме утилитаристички, мерејќи ги придобивките и загубите, антиципирајќи ги последиците од повторувањето на грешките со феноменот – уште сега, уште ова…. одново и наново“…, рече Сиљановска-Давкова.

Претседателката оцени дека мора да укажуваме на неодржливоста на парадоксите, спротивни, како што рече, дури и на здравиот разум и логика.

„Ако 16 пати во 16 извештаи Европскиот парламент и Европската комисија рекле „да“ за нас, а Европскиот совет рекол „не“, во прашање не е нашата неспособност, туку се работи за ЕУ- демократски дефицит. Ако во 15 извештаи не бил нотиран никаков проблем со малцинство, а одеднаш, во шеснаесеттитот, се појавил проблемот со бугарското малцинство, проблемот е проблематичен. Ако има 14 пресуди против Бугарија во Судот за човекови права во Стразбург, а ЕУ пристапила кон Европската конвенција за човекови права и ја признала неговата јурисдикција, како може да се толерира членка на ЕУ, која ја потпишала и ратификувала Рамковната конвенција за заштита на правата на малцинствата да одбива да ги спроведе пресудите на Судот во кој и самата има судија?  Впрочем, основното прашање не е дали некое малцинство, односно заедница е спомената во преамбулата, туку дали во нормативниот текст на секое малцинство му се гарантираат малцинските права. Како може ЕУ да дозволи нејзина членка да нема ниту еден збор во Уставот за гаранција на правата на малцинства, иако се тие гарантирани во член 2 на Лисабонскиот договор заедно со човековите права, а истата да бара од нас да го смениме Уставот, иако нашиот устав, во членот 48 и амандманот VIII гарантира широка заштита на правата на сите заедници, вклучувајќи ги и Бугарите, без оглед дали се споменати или не во Преамбулата“, аргументира претседателката за демократскиот дефицит на ЕУ.

Претседателката посочи дека ако ЕУ сака да биде филозофија, односно заедница, а не обичен збир на делови, бирократска машинерија, мора да ги почитува основните вредности и принципи не само кога се во прашање нејзините членки, туку и кандидатите.

„Не попусто во преамбулата на Лисабонскиот договор пишува дека ќе се продлабочува солидарноста и ќе се почитуваат историјата, културата и традициите на народите (алинеа 6). Ова е суштината на мотото „единство  на различности“. Зошто тогаш од нас се бара да трагаме по сличности, ревидирајќи ја историјата. Јас, на грчките соговорници, вклучувајќи го и амбасадорот на ЕУ, со најдобра намера им укажувам дека Република Грција има правна и морална обврска кога инсистира на pacta sunt servanda, да ги упати Бугарија и Европскиот совет на членот 7, став (3) во кој е утврдено значењето на зборот „Македонија“ за „втората страна“, онаа безимената, ние, како: територија и народ со своја историја, култура и јазик. Значи, претходниве се ставени ad acta, односно решени. За што разговараме ние со Бугарија? За историја, култура и за јазик. Па, што стана со pacta sunt servanda?“, рече претседателката.

Таа во своето обраќање потсети на членот 4, став 2, на Лисабонскиот договор, којшто промовира еднаквост на земјите – членки, на нивните национални идентитети, врамени во политичките и уставните структури.

„Како тогаш европски функционери бараат од нас да го смениме Уставот за да почнеме преговори? Релевантен за нашава состојба е и членот 8 од Лисабонскиот договор кој упатува на склучување договори со соседите врз реципрочна основа. Да потсетам, важноста на темелните вредности и приципи за ЕУ е толку голема што во членот 7 е предвидена постапка за суспедирање на одлучувачките права на онаа држава што ќе ги прекрши. Зошто некоја членка на ЕУ не ѝ укаже на Бугарија на оваа можност во одбрана на уставниот документ на кој се темели?“, зпраша претседателката.

Морам да кажам, додаде претседателката, дека прашањето „Дали ќе го смените Уставот“, ме навредува и како професорка и како претседателка.

„Го знаете мојот одговор: прашањето е надвор од ЕУ- уставните норми, а јас не можам и не смеам да гарантирам уставни промени, оти не сум апсолутен монарх кој не ја почитува поделбата на власта и параламентарната демократија. Уставот го носите и менувате само вие, кои ги претставувате граѓаните и гласате по вашето сопствено, а не по моето уверување“, рече таа.

Сиљановска- Давкова укажа на опасноста од билатерализација на процесот.

„Билатерализацијата на евроинтеграцијата не е опасна само за македонскиот случај, туку за севкупниот процес на проширување. Балканот е родното место на преседаните. А секој штетен преседан станува правило. Билатерализацијата нема да заврши со македонскиот случај, напротив, се плашам дека ќе биде инспирира нови случаи. Така и тогаш ќе стане најголемата опасност за проширувањето како најважна геостратешка инвестиција на ЕУ во мирот, безбедноста, стабилноста и просперитетот. Балканската ‘пандорина кутија’ ќе стане европска ‘пандорина кутија’. Европската Унија има/имаше можност токму со македонскиот случај да спречи овој штетен преседан да прерасне во правило. Ја поздравувам германско-словенечката иницијатива за избегнување на вето поради билатерални прашања, но и критиката на сите други“, нагласи таа.

Претседателката, во делот во обраќањето за надворешната политика, повтори дека членството во ЕУ беше и останува врвен македонски државен интерес и приоритет.

„Брисел е македонската стратешка дестинација. Нашата надворешна политика е целосно усогласена со Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ. Сметам дека евроинтеграцијата е процес на учење не само за кандидатите, како нас, туку и за ЕУ, односно членките. Се надевам дека, по 20 години и ние ја научивме лекцијата дека државните интереси се градат овде консензуално, и како што истакнав на почетокот се бранат консензуално, но и дека ЕУ сфати дека не смее да ја повтори грешката при распадот на Југославија, кога немаше јасна стратегија за регионот, доцна се појавуваше, не инсистираше цврсто на мирна дисолуција“, рече таа.

Верувам дека патот кон Брисел, додаде таа, може да се изоди полесно и побрзо ако сите ние – претседателот, Собранието, Владата, судството, власта, опозицијата, невладиниот сектор, медиумите, функционираме како добро синхронизиран, извежбан и искусен оркестар, на чиј репертоар редовно е симфонијата „владеење на правото“ со која треба да настапиме на финалниот концерт во Брисел.

Ние – јас, премиерот и министерот за надворешни работи, продолжи претседателката, но и сите други министри ги градиме и усогласуваме ставовите дома, а надвор настапуваме како хармонично трио и хор.

Привремената пречка во евроинтеграциите, нагласи, не смее да стане изговор за пасивност.

„Целта на европските реформи не е да имаме само промена на законите, туку промена на реалноста, промена на секојдневието на македонските граѓани. Реформите не ги правиме за бриселските бирократи, туку за македонските граѓани. Нашата цел е да изградиме праведно и напредно македонско општество“ рече претседателката во своето годишно обраќање во Собранието.

Потоа, во своето прво годишно обраќање како претседателка пред Собранието, Сиљановска-Давкова истакна дека еден од клучните проблеми на македонските граѓани е правдата. Таа смета дека правдата е загрозена поради ендемската корупција и организираниот криминал, што, заедно со судирот на интереси, непотизмот и клиентелизмот, го поништуваат владеењето на правото, ги обезвреднуваат институциите, ги иселуваат младите и ни ја празнат државата, нагласувајќи дека без правда нема извесност на планирањето  на животот.

„Борбата против корупцијата и организираниот криминал е најважната борба на оваа влада. Во оваа борба ние, не сме сами. Ја имаме довербата од македонските граѓани и поддршката од нашите стратешки партнери, вклучително и со дополнувањето на црната листа. Црно ни се пишува ако не ја видиме со широко отворени очи црнината и не ја обелиме со санкционирање. Сега македонските надлежни институции се на потег. Граѓаните очекуваа и дочекаа конкретни резултати. Секое одолговлекување би значело толерирање на беззаконието и неправдата. Никој не смее да биде недопирлив. Никој не смее да биде над законот. Не може целото општество да ја трпи казната поради неказнивоста на неколкумина“, нагласи Сиљановска-Давкова.

Но, исто така нагласи претседателката, дека борбата никако не смее да се сведе само на овие неколку високопрофилирани случаи, бидејќи корупцијата е длабоко вкоренета во секоја пора на општеството.

„Недовербата кон судството не е случајна. Умниот лорд Ектон со право констатира дека – секоја моќ корумпира, а апсолутната – апсолутно. Роберт Хајслоп пак, предупредуваше дека во секоја држава има криминал, ама на Балканот, криминалците имаат свои држави. Затоа, потребни се забрзани и длабоки реформи во правосудството“, порача претседателката.

Таа посочи дека Судскиот совет и Советот за јавни обвинители треба да бидат вистински чувари на независноста на судството и филтерот низ којшто ќе можат да минат само квалитетните и некорумпираните.

„Од тоа зависи враќањето на разнишаната доверба на македонските граѓани во правосудството. Борбата за правда, за правна држава, за владеење на правото е борба за задржување на младите и за иднината на државата“, истакна таа.

Кога зборувам за правда, додаде претседателката, не мислам само на правосудството и на владеењето на правото.

„За да не станеме држава на социјални случаи, нам ни е потребна социјална правда. И во Уставот, Македонија е дефинирана како социјална држава, којашто треба да им помага на ранливите, за секој човек, за секое семејство да има пристоен живот. Буџетот што го усвоивте вие, пратениците е развоен и инвестициски, но со вклучена социјална компонента. Тоа е за поздравување, особено во ова време на ценовни шокови. Секој од нас треба да направи сè што може за да им помогне на ранливите категории. Иако моите ингеренции на ова поле се ограничени, јас го правам она што можам. Станав глас на оние кои се соочуваат со системска дискриминација, како што се текстилните работници или руралните жени кои се борат за подостоинствени работни услови. Поради родовата нееднаквост, многу жени неправедно носат двоен товар – грижата за домот и семејството, но и грижа за приходот. Нужно е да ги интегрираме родовите перспективи во секоја работа“, рече претседателката во своето годишно обраќање.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ