сабота, 27 јули 2024
На конференција во Германија

Сиљановска Давкова: Потребен е вид на Маршалов план заради обвнова на Украина

Претседателката на Македонија, Гордана Сиљановска Давкова во своето обраќање на конференцијата посветена на обвновата на Украина, што се одржува во Германија, рече дека по Втората светска војна, Маршаловиот план, меѓу другото, беше израз на солидарност кон разурнатата Европа, а денес, како што нагласи, е неопходен нов вид Маршалов план за разурнатата Украина.

Објавено на

часот

Сподели

Сиљановска Давкова денеска се обрати на главниот панел за шефови на држави и влади на конференцијата за обнова на Украина, што се одржува во Берлин. На истиот панел, како што информираат од претседателскиот кабинет, говореа и домаќините на конференцијата, германскиот канцелар Олаф Шолц и украинскиот претседател Володимир Зеленски, а свое обраќање имаше и претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лејен.

На главниот панел присуствуваа и претседателите и премиери од Холандија, Норвешка, Финска, Литванија, Молдавија, Естонија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Грузија.

Претседателката Сиљановска Давкова во своето обраќање рече дека по Втората светска војна, Маршаловиот план, меѓу другото, беше израз на солидарност кон разрушената Европа, а денес, како што нагласи, е неопходен нов вид Маршалов план за разрушената Украина.

Според претседателката, неопходно е инвестирање не само во патната и во енергетската инфраструктура, туку и во човечката, образовна, социјална и нормативна инфраструктура.

На сесијата, како што се наведува, позитивно беше оценета постоечката заедничка европска позиција дека треба да продолжи сеопфатната помош за Украина.

Претходно, претседателката Сиљановска Давкова присуствуваше на отворањето на конференцијата, на кое свои обраќања имаа германскиот канцелар Олаф Шолц, украинскиот претседател Володимир Зеленски, и претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лејен.

Конференцијата е продолжение на серијата годишни настани на високо ниво посветени на брзо закрепнување и долготрајна реконструкција на Украина, по почетокот на руската воена агресија.

„Клучна цел на настанот е да се обезбеди континуирана меѓународна поддршка за обнова, реконструкција, реформи и модернизација на Украина“, соопшти Кабинетот на претседателката на Македонија, Гордана Сиљановска Давкова.

Инаку, германскиот канцелар Олаф Шолц повика на натамошно зајакнување на воздушната одбрана на земјата од руските напади. Шолц ги повика сојузниците да ја поддржат германската иницијатива за зајакнување на противвоздушната одбрана на Украина „со се што можат“.

„Затоа што најдобрата реконструкција е онаа што воопшто не мора да се случи, рече Шолц и укажа на можноста за далекусежни и долгорочни задолжениај за обновата на оваа земја, која е сериозно разурната од над двегодишната скапа војна и годините на тлеечки внатрешен конфликт пред тоа.

Тој кажа дека за ваквата посветеност ќе се заложи и на претстојниот самит на групата најдемократии Г7, што започнува в четврток во Италија.

Шолц истакна дека Светска банка проценува дека во следната деценија ќе бидат потребни 500 милијарди долари помош за обнова на Украина.

Тој ги покани и приватните компании да учествуваат со инвестиции, велејќи дека „со оглед на размерите за кои овде зборуваме, мора да се додаде приватен капитал“.

Стотици германски компании сè уште активно работат во Украина, а само автомобилските компании во Украина вработуваат околу 35.000 луѓе, нагласи Шолц.

И покрај војната, нема намалување на германските инвестиции во Украина, рече Шолц, а обемот на трговијата значително се зголеми откако Русија ја започна својата инвазија во февруари 2022 година.

Украинскиот претседател Зеленски на почетокот од обраќањето побара краткорочна помош за поправка на електричната мрежа и долгорочни инвестиции во енергетскиот систем на земјата.

Зеленски повторно апелираше за поголема помош во оружјето, кое му е потребно за одбрана од руски ракетни напади.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ