четврток, 23 мај 2024
Претседателски избори 2024

Сиљановска Давкова победи во 60 општини, Османи во 15, Пендаровски и Таравари во по две, Димитриевски во една

Според последните резултати на Државната изборна комисија, врз база на 99,85 отсто од преброените гласачки ливчиња, кандидатката на коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска Давкова оствари голема победа на претседателските избори одржани вчера. Таа победи, односно освои најголем број гласови од избирачите, во 60 општини. Пендаровски оствари победа само Маврово-Ростуше со 44,04 отсто од гласовите и во Крушево со 43,02 отсто од гласовите. Две победи има и кандидатот на коалицијата Вреди, Арбен Таравари, додека кандидатот на коалицијата на ДУИ, Бујар Османи победи во 15 општини. Една победа, во Куманово, има кандидатот на ЗНАМ, Максим Димитриевски.

Објавено на

часот

Сподели

Според податоците на ДИК, Гордана Сиљановска Давкова освои 40,08 отсто од гласовите или, вкупно 362.682 гласови, додека Стево Пендаровски 19,93 отсто од гласовите или, 180.306 гласови. Сиљановска Давкова и Пендаровски силите повторно ќе ги одмерат во вториот круг од изборите на 8 мај.

Според остварените резултати, следат, Бујар Османи со 13,36 проценти добиени гласови, Максим Димитриевски со 9,26 проценти, Арбен Таравари со 9,21 процент, Билјана Ванковска со 4,55 проценти и Стевчо Јакимовски со 0,9 отсто добиени гласови.

Највисока победа оствари Бујар Османи во Пласница со 66,91 процент од гласовите, како и Сиљановска Давкова во Градско со 64,68 проценти од гласовите. Сиљановска Давкова победи во 60 општини, Османи во 15 општини, Таравари во две и Димитриевски во една.

Бујар Османи од коалицијата на ДУИ – Европски фронт победи, односно освои најголем број гласови, во 15 општини, додека Арбен Таравари, кандидат на коалицијата Вреди, победи оствари во Гостивар и во Теарце. Кандидатот на ЗНАМ, Максим Димитриевски победи во Куманово. Практично, тие двајца победија во општините во кои се градоначалници (Гостивар и Куманово), со што на извесен начин се потврдија како прифатливи градски водачи за своите граѓани.

Арбен Таравари во Гостивар доби 33,42 отсто од гласовите, додека противкандидатот Бујар Османи има многу тесен пораз со освоени 33,16 отсто од гласовите. Поуспешен настап Таравари имаше во Теарце со 41,53 отсто од освоените гласови, а тука Османи доживеа повторно минимален пораз со освоени 41,06 од гласовите. Во Тетово, главниот центар за „пресметка“ на политичарите Албанци, на Османи му донесе победа со 36,78 отсто, а Таравари доживеа пораз, минимален, со освоени 35,04 отсто од гласовите.

Максим Димитриевски во Куманово доби 30,16 отсто од гласовите, а Сиљановска Давкова 25,29 проценти. Пендаровски доби 15,62 отсто од гласовите.

На Стево Пендаровски, кој оствари победи во Маврово Ростуше и во Крушево, во Центар Жупа за „влакно“ му побегна победата. Таму тој доби 34,95 проценти од гласовите, додека Бујар Османи многу малку повеќе, односно осови 35,03 отсто од гласовите. Гордана Сиљановска Давкова таму има 23 проценти од гласовите.

Во Чашка пак, за малку Бујар Османи ќе освоеше победа, таму Сиљановска Давкова доби 32,62 отсто од гласовите, додека Османи доби 31,6 отсто гласови.

На крајот, еве список на остварени победи на четворица од седумте кандидати за претгседател на Македонија.

Гордана Силјановска Давковска победи во: Аеродром, Берово, Битола, Богданци, Босилево, Брвеница, Бутел, Валандово, Василево, Вевчани, Велес , Виница, Гази Баба, Гевгелија, Ѓорче Петров, Градско, Дебарца, Делчево, Демир Капија, Демир Хисар, Дојран, Зелениково, Зрновци, Илинден, Јегуновце, Кавадарци, Карбинци, Карпош, Кисела Вода, Кичево, Конче, Кочани, Кратово, Крива Паланка, Кривогаштани, Лозово, Македонска Каменица, Македонски Брод, Могила, Неготино, Новаци, Ново Село, Охрид, Петровец, Пехчево, Прилеп, Пробиштип, Радовиш, Ранковце, Ресен, Росоман, Свети Николе, Сопиште, Старо Нагоричане, Струмица, Центар, Чашка, Чешиново-Облешево, Чучер Сандево и во Штип.

Бујар Османи победи во: Арачиново, Боговиње, Врапчиште, Дебар, Долнени, Желино, Липково, Пласница, Сарај, Струга, Студеничани,  Тетово, Чаир, Центар Жупа и Шуто Оризари.

Стево Пендаровски освои најмногу гласови во: Крушево и во Маврово Ростуше.

Арбен Таравари победи во Гостивар и во Теарце.

Максим Димитриевски победи во Куманово.

П.Џ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ