сабота, 27 јули 2024

Сиљановска Давкова од Рим по телефон разговарала со Зеленски

Претседателката на Македонија, Гордана Сиљановска Давкова денеска од Рим остварила телефонски разговор со претседателот на Украина, Володомир Зеленски. Украинскиот народ може да смета на македонско сојузништво и пријателство, му кажала Сиљановска Давкова на Зеленски.

Објавено на

часот

Сподели

Во разговорот со украинскиот претседател Зеленски, претседателката Сиљановска Давкова ја нагласи нашата цврста и недвосмислена поддршка кон Украина во однос на неиспровоцираната и неоправдана руска воена агресија, информираат од нејзиниот кабинет и додаваат дека Сиљановска Давкова, осврнувајќи се на меѓународното право, на принципите на Повелбата на ОН и Статутот на Советот на Европа, кажала  дека украинскиот народ може и во иднина да смета на македонското сојузништво и пријателство во справувањето со историскиот предизвик со трајни и несогледливи последици.

„Двајцата соговорници разменија мислење и за претстојниот Самит чиј домаќин ќе биде Швајцарија, а со цел да создаде рамка поволна за сеопфатен и траен мир во Украина. Претседателот Зеленски во текот на разговорот ја покани претседателката Сиљановска Давкова да ја посети Украина, за што тие дополнително ќе се консултираат на Самитот во Швајцарија.

За време на разговорот беа нагласени одличните билатерални односи меѓу двете земји, карактеризирани со идентични вредности, меѓусебна почит и разбирање, силно потврдени со континуираната соработка во сите области од заеднички интерес. Претседателката Сиљановска Давкова и претседателот Зеленски ја реафирмираа посветеноста од натамошна заемна поддршка во меѓународната дипломатија, во насока на исполнување на европската аспирација на двете држави“, се вели во соопштението од кабинетот на претседателката на Македонија.

Телефонскиот разговор со претседателот Зеленски, претседателката Сиљановска Давковa го оствари од Рим, за време на нејзината посета на Италијанската Република и Светиот престол по повод манифестацијата „Македонија во чест на Св. Кирил“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ