Претседателката Гордана Сиљановска Давкова во интервју за МИА вели дека не би можела точно да одговори дали може да дојде до реализација на „францускиот предлог плус“ и ставот на Владата кој неодамна беше презентиран во Брисел. Сиљановска Давкова повторува дека во Договор за пријателство со Бугарија нема одредба за менување на Уставот и потенцира дека не може да има бидејќи таа се врзува со историските комисии и нивните разговори. Сепак, вели таа, можеме на друг начин да пристапиме кон Договорот.
„Не би можела точно да одговорам иако на маргините имав пријателска средба и со претседателот на Бугарија, господинот Радев. Најповторуваната синтагма од сите е дека ние треба да ги почитуваме договорите, се разбира дека секој кој знае меѓународно право па и право знае дека во Договорот за добрососедство и пријателство нема одредба која што вели дека треба да се смени Уставот и не може ни да има, тоа се врзува за фамозните историски комисии и нивните разговори и преговори. Се разбира дека тоа јас го истакнувам. Она што го истакнувам јас не е директен одговор на прашањето дали ќе ја смените Преговарачката рамка и дали сте свесни дека не може да се смени Преговарачката рамка, мојот коментар е дека е важно како ќе се однесуваме кон Преговарачката рамка, бидејќи видете низ интерпретацијата ако ние се договориме пријателски дека ќе ги почитуваме Копехангенските критериуми, и ако велиме Pacta sunt servanda, а мислиме на Преспанскиот договор каде што јасно си пишува што значи Македонија за втората страна – територија, значи народ со сопствена историја и јазик, а за што разговараме ние во тие историски комисии за ова што е дел од пактот на кои што се повикуваат Преспански договор“, истакнува Сиљановска Давкова.
Претседателката потенцира дека не може историјата, културата, јазикот да бидат предмет на разговор.
„Тогаш ние што правиме, всушност ја потсетуваме ЕУ на темелните вредности и принципи на уставното право на ЕУ. Сето ова што го зборувам јас, културен идентитет, национален идентитет, договори засновани на реципроцитет, немешање во внатрешни работи, почитување на дигнитетот и интегритетот е дел од европското уставно право. Тогаш можеме на друг начин да пристапиме кон договорот“, посочува Сиљановска Давкова.
Претседателке Сиљановска Давкова ја предводите македонската делегација на 79. Генерално собрание на ОН. Видовме една комплетна поделеност на светот, како на Самитот за иднината каде беше усвоен Пактот за иднината, но и на отворањето на ГС имајќи ги предвид воените конфликти во Украина, Газа, последните напади од страна на Израел во Либан итн. Какви се вашите првични оценки од ГС и како ова би можело да се рефлектира во следниот период?
-Рано е за конечна оценка, меѓутоа очигледни се длабоките поделби меѓу нациите внатре во Генералното собрание, а тие ја одразуваат само вистинската поделба што постои денеска во светот. Денеска и Генералното собрание, како и светот се наоѓаат пред катарза. Ова е последниот момент или повик пред прославата на 80 години од ОН. Зошто го велам ова? Затоа што ОН во 45-година настанаа како еден темелен мировен проект и еден антиколонијален проект, а денеска сме соочени со војна. Слично е и со Европската Унија, која како Европска заедница настана како мировен проект. И двете организации требаше да гарантираат вечен мир, кантов мир. ОН дури и добија Нобелова награда за мир. Значи основната цел не ја исполнија. Не смееше да дозволат ни првите, ни вторите да се случи војна, зошто улогата на фамилијата, сите нации, обединети нации, ние нациите, we the peoples, we the nations беше да не дозволат војна, а се случи војна. Значи, ОН мора да се соочат со потребата од темелни реформи, институционални, фукционални, односно во процесот на одлучувањето, но најмногу во инволвирањето на сите членки на ОН во донесувањето на клучните одлуки. Најрадикалните или најстрогите, меѓу кои сум и јас, морам да кажам, сметаме дека декоративните промени нема да го продолжат животот на ОН.
Може ли во вакви услови и имајќи ги предвид изборите во САД на 5 ноември да започнат какви било реформи во ОН?
-Не верувам дека тоа е можно во ова кусо време, но го паметам говорот на господинот Гутереш. Тој беше исто така за длабоки реформи, го паметиме говорот и на претседателот на Генералното соберание исто така за сериозни реформи и некои од клучните држави повикаа на реформи. Но, она што ја продлабочи поделбата беше клучното прашање – односот кон војните. И ОН и човештвото јас не знам колку пати се заколнале дека никогаш повеќе и нам ни се случува секогаш, и секогаш истото.
Која е нашата позиција како мала држава во целата оваа глобална констелација, да кажам. Дали ние треба да ја смениме нашата надворешна политика и нашите позиции за да се заштитиме како мала држава?
-Тоа не е само наше прашање и наша обврска. Ако забележавте најголемиот дел од членките на ОН, се токму од малите држави или од државите во развој, но нивниот глас не само што не се слуша освен ако не се во непостојаните членки на Советот за безбедност, туку и не е вграден во процесот на одлучувањето, иако се мнозинството. Затоа ние од малите држави велиме дека мора надлежноста на ГС да се проширува, дека мора да се проблематизира надлежноста и структурата на Советот за безбедност, постојаните членки оти предлозите на големите држави се да се зголеми бројот на постојаните членки и да се зголеми бројот на оние со вето. Тоа не е решението. Ако не се вклучат во процесот на одлучувањето и малите држави преку Генералното Собрание, иаку јас сум против вето, морам да кажам, штом се обединети нациите, сите треба да бидат рамноправни во процесот на одлучувањето оти за мене и пред некој ден и утре ќе кажам дека Советот за безбедност би требало да биде една светска коалициона влада, на нациите, а не е така, туку доминантниот збор го имаат петте доминатни членки и тоа го видовме дури и вчера. Јас го разбирам редоследот на говорите, традиционално почнува со Бразил, продолжува со САД и со Турција. Сите тројца претставници зборуваа за реформи во ОН, за инклузивност во процесот, но сите ние зборуваме 15 минути, а тие зборуваат колку сакаат. Значи ете ја хипокризијата и цинизмот на рамноправноста во ОН, не само војната, која што постои денеска најизразено со библиски сцени меѓу Русија и Украина, или она што се случува во Газа, туку ние сме во војна и со природата, а војната со природата значи однапред да потпишете дека сте спремни на самоубиство. Да не зборувам за сиромаштијата во светот која се продлабочува. Вчера чувме шокантни бројки не само од невладините организации, туку и од некои лидери, дека на врвот на таа пирамида се помалку има, се зборуваше за дуплирање на богатството на петте најбогати луѓе на светот и за страотно осиромашување на планетата, меѓу останатите. Да ја надоврзам на тоа родовата едкавост. Кажувам крајно време е ОН да добијат жена генерална секретарка. Исто така слушам дека латиноамериканскиот континент вели е дека целосно запоставен, Африка е целосно запоставена. Значи се појавуваат клучни прашања за развојот на човештвото. Без нивно решавање ние нема да имаме безбедна иднина. Не смеат ОН да наликуваат на некогашната Лига на нациите, која не успеа да ги реши главните проблеми. Ова е последниот повик. Ме прашавте за изборите во САД, видовме дека има речиси дека има консензус за промените, но веќе следната година, на следното ГС ние треба да излеземе со проекции за реформи иако со оглед на тоа што сите се однесуваат според максимата „Силните го прават тоа што можат, слабите што мораат“, мислам дека треба сето ова да го преиспитаме. Не успеав завчера во говорот да кажам, бидејќи беше времето ограничено – на светот му требаат повеќе пораките на Кант за вечен мир, за човекот како цел, за етичкиот императив, пораките исто на Вилсон Вудро за самоопределувањето што се однесува за сите, оти вчера слушавме за селективна правда која е погубна, не само за селективна правда кон државите и внатре во самите ОН, нашиот случај јас го истакнав, кога се заборави не само на меѓународното право, туку и на задолжителното право тоа не смее да се дозволи и на кршењето на националните права. Помалку да се повикуваме на Макијавели и на Тукидит и знаете што сакам еве и денеска во Њујорк нема подобра порака од онаа во песната „Замисли“ на Џон Ленон. Се за што се залагаме ние, всушност е во песната на Џон Ленон.
Денеска е вашето главно обраќање на Генералното собрание на ОН. Каква порака носите од Македонија до светот?
-Всушност ќе ја доразвијам, бидејќи ќе имам 15 минути време, ќе говорам на македонски јазик. Пред некој ден зборувавме за иднината на светот ама јас сега сакам иднината на светот низ македонскиот збор, низ македонската реч. Значи ќе ги развијам основните тези – ќе ги потсетам на тажната македонска приказна во чија креација учествуваа ОН, низ се што поминавме, ќе потсетам на нашата решеност мирољубиво, низ дијалог секогаш да се почитува и да го почитуваме меѓународното право. Ќе укажам на основните проблеми на човештвото, меѓутоа сега со поголема аргументација, на мирот, на безбедноста, Совет за безбедност имаме ама амбиентот е небезбеден, секаде па дури и овде во Њујорк. Како што забележувате на потребата за соочување со предизвикот на сиромаштијата, оти кога луѓето нема што да изгубат освен голиот живот тие се радикални. Значи мора светот да покаже способност за социјален дијалог, мора да покаже емпатија кон останатите, бидејќи богатствата на тие најбогатите не се резултат само на преголемиот ум и знаење и работа туку на неправдите во профитната логика која што денеска произведе дарвинистичко општество, на односот кон младите, на односот кон третиот свет, на односот кон жените, особено кон односот кон децата, најмногу на потребата од склучување пакт со природата штитејќи ја природата ние се заштитуваме себе си. Не смее природата да биде жртва на профитната логика, бидејќи никој нема право да атакува или да го повредува морињата, океаните, природата, билките, воздухот, животните бидејќи тоа не е логично.
Кој е вашиот став во врска со францускиот предлог плус, односно ставот на Владата во однос на уставните измени, што неодамна беше презентиран во Брисел и дали може да дојде до негова реализација?
-Не би можела точно да одговорам иако на маргините имав пријателска средба и со претседателот на Бугарија, господинот Радев. Најповторуваната синтагма од сите е дека ние треба да ги почитуваме договорите, се разбира дека секој кој знае меѓународно право па и право знае дека во Договорот за добрососедство и пријателство нема одредба која што вели дека треба да се смени Уставот и не може ни да има, тоа се врзува за фамозните историски комисии и нивните разговори и преговори. Се разбира дека тоа јас го истакнувам. Она што го истакнувам јас е: не е директен одговор на прашањето дали ќе ја смените Преговарачката рамка и дали сте свесни дека не може да се смени Преговарачката рамка, мојот коментар е дека е важно како ќе се однесуваме кон Преговарачката рамка, бидејќи видете низ интерпретацијата ако ние се договориме пријателски дека ќе ги почитуваме Копехангенските критериуми, и ако велиме Pacta sunt servanda, а мислиме на Преспанскиот договор каде што јасно си пишува што значи Македонија за втората страна – територија, значи народ со сопствена историја и јазик а за што разговараме ние во тие историски комисии за ова што е дел од пактот на кои што се повикуваат Преспански договор. Значи не може историјата, културата, јазикот да бидат предмет на разговор, бидејќи тогаш ние што правиме, всушност ја потсетуваме ЕУ на темелните вредности и принципи на уставното право на ЕУ. Сето ова што го зборувам јас, културен идентитет, национален идентитет, договори засновани на реципроцитет, немешање во внатрешни работи, почитување на дигнитетот и интегритетот е дел од европското уставно право. Тогаш можеме на друг начин да пристапиме кон договорот.
Кога ќе биде првиот состанок на Советот за безбедност?
-Кога се думав кој да влезе во Советот за безбедност, тројцата членови ми укажуваа дека тоа се одолговлекува, не случајно тоа го правев бидејќи одлуката ми беше токму да најдам личности кои се најквалификувани да одговорат на нашите најсовремени предизвици и императиви – првиот европската интеграција, вториот катастрофите што бараат климатска акција и знаење и третиот меѓуетничките односи. И тоа трагав по личности кои не се партиски, кои не се политички, кои се влијателни по знаењето. Многу тешко е тоа да го направите. Најлесно ви е за еден ден да одберете членови чии имиња ќе ви ги дадат партиите, ама тоа не беше моја заложба.
На првиот ден на посетата на САД бевте кај нашинците во црквата Свети Никола и во џамијата во Фихолд, во Њу Џерси. Најавивте формирање на совети за млади и за дијаспора.
-Тоа била прва посета на џамија од некој претседател во големата дебарска заедница, односно албанска заедница. Зошто дијаспората? Дијаспората е најголемиот македонски гласник, најкомпетитивниот македонски гласник. Вчера се потврди тоа кога бевме во посета на семејството Руси и нивното влијание на американското општество. Дијаспората е неразделен дел од нашето ткиво. Оние во дијаспората се вистински докажаните луѓе во компетитивната европска и овде во случајов американска сцена. Ние имаме потреба од нивнот знаење, ние имаме потреба од нивнот влијание, ние имаме потреба од нивната помош, тие имаат потреба од својата татковина, која како што гледате никогаш не ја забораваат. Дури и прашањето за меѓуетничките односи овде се решава на друг начин и јас се обидов овде токму во еден ист ден тоа да го манифестирам и мислам дека беше порепознаено и добро оценето. Зошто младите јасно ви е, нема говор во која што јас не велам дека младите се уморни од фразата дека иднината им припаѓа ним и дека мора до моментот да се вклучат во процесот на одлучување зошто тогаш најавтентично ќе ги интерпретираат своите интереси. А што треба ние да правиме да ги препознаеме најдобрите меѓу нив, оние кои се во САД или по Канада, Австралија или по европските држави за барем кога заминале да бидат во контак со нас постојано. Извонреден е потегот за учење на македонскиот јазик за постојаните врски, да ги вклучиме во образовниот процес, зошто тие ќе ја потенцираат компетитивноста, ќе не качат и на Шангајската листа, и на сите листи.
МИА