недела, 19 мај 2024
Избори 2024

Сиљановска Давкова: Не е време за поделби и за вета туку за помагање и поддршка

Граѓаните денеска покажаа граѓански имунитет и отпорност пред притисоците и се одважија да излезат стамено, достоинствено и стоички да го дадат гласот за оној кандидат за кој тие сакаат, рече кандидатката за претседател поддржана од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, Гордана Сиљановска Давкова на вечерашната прес конференција.

Фото: скриншот

Објавено на

часот

Сподели

Како што наведе Сиљановска Давкова, граѓаните денеска направиле добар избор.

„Има ли поголема промена од тоа за прв пат во оваа држава, жена да стане претседател? Има ли поголема инспирација за умните жени? Нема. Држете ме за збор дека кога ќе се опкружам со жени слични на мене тоа за мене е искчекор, тоа е реформски чекор“, рече Сиљановска Давкова.

За неа реформски чекор е и тоа што, како што рече, многу новопојавени партии на овие избори настапиле политички затоа што не повикувале на бојкот, не ги сатанизирале противкандидатите и оставиле простор за договори и преговори.

„Во политиката мора да оставите простор за идниот ден. Ако не ги мерите зборовите тогаш утре тешко ќе влезете во дијалог. Кај нас срамот одамна го нема и едвај ги чекам оценките за изборите затоа што ниту едни избори досега не биле оценети како фер и демократски туку како добро и ефикасно спроведени“, рече Сиљановска Давкова.

Таа им честита на Државната изборна комисија (ДИК) и на целокупната изборна администрација, затоа што, како што рече, реагирале на време на инцидентите.

Изјавата на претседателскиот кандидат поддржан од СДСМ и коалицијата, Стево Пендаровски дека бојкотот не е добра работа, Сиљановска Давкова го оцени како добра констатација.

„Таквата оценка има елемент на државнички однос, нешто што не беше присутно во овие 30 години. Затоа што само државници антиципираат такви односи, имаат алтернативи, имаат подготвени одговори, секогаш трагаат по дијалог со опозицијата. Да ги почекаме резултатите но еве јас од овде тврдам дека ќе се однесувам како претседателка на сите граѓани“, рече Сиљановска Давкова.

Таа уште кажа дека ова не е време за поделби, фалби и триумфализам туку мора сите да се обидеме да ставиме крај на балканизацијата, да се обидеме да помагаме едни на други. Во политиката не можете да се однесувате со емоции туку рационално. Затоа ние мораме меѓусебе да се разбираме, да се помагаме, да не посегаме по вето туку да посегаме по поддршка“, рече Сиљановска Давкова.

Според првичните резултати од денешниот втор круг претседателски избори објавени на веб страницата на Државната изборна комисија (ДИК), од обработени речиси половина од гласачките ливчиња, води кандидатктата на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Сиљановска Давкова со освоени 235.552 (63,42%), а Стево Пендаровски од СДСМ има 111.703 (30,07).

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ