Не треба, посочи таа, да одите надвор ако немате консензус за најважните прашања. Но што е најважно не менувајте го ставот под притисок, не е компромис се што ќе ви предложат да прифатите, рече Сиљановска Давкова.
Многу е важно, вели таа, кој е тој што ја претставува сликата на државата надвор. Порача дека не смее во дипломатијата да одат луѓе без да го поминат она што е предвидено во законот, затоа што сликата за нас надвор е сликата на оние кои не претставуваат.
„Кога ќе ве видат преговарачите дека немате став, или дека лесно менувате став, или дека немате доблести и дека не се почитувате тогаш ќе бидат прагматични и ќе си запишат своите биографии дека решиле уште еден проблем, а нашите ќе не убедуваат дека народот бил зад нив кога решавале клучни прашања, а народот над 70 проценти вели дека водите погрешна политика, а овие си играат оро. Е знаете што тешкото оро за жал, нам ни се случува. Тешкото ни се случува во секој поглед ама нив тоа не ги допира, зошто се однародени и затоа што се отуѓени и затоа што само повторуваат дека тоа е светот е на реалната политика, силните го прават тоа што можат, слабите тоа што мораат, а ние сме слаби и дека тоа е единственото решение. Не е тоа единственото решение. Не. Понекогаш и на оние од ЕУ човек треба да им укаже на нивните основни документи дека сака сите тие да важат не само за нив да важат и за сите нас“, истакна Сиљановска Давкова.
Во обраќањето таа се осврна и на пораката од противкандидатот Стево Пендаровски.
„Претседателот откако вчера ме пофали, не знам дали чувте, дека сум била одлична професорка, дека сум била врвна интелектуалка и дека сум имала силна морална вертикала, па затоа кога ќе победел, ќе ме предложел за уставна судијка. Јас имам проблем. Не ќе може да го предложам за Уставен суд бидејќи критериумите што јас ги имам за уставен судија се многу високи. Но, добро е што тој имаше момент на вистината. Меѓутоа, познавајќи го се плашам само да не го смени мислењето и набрзо да го негира она што го кажал. Но, за мене зборот е збор, прв, како во Библијата или, како што би рекле Албанците, беса. Јас ќе се држам до мојот збор“, наведе Сиљановска Давкова.
Таа го коментираше и денеска објавениот извештај на Фридом Хаус каде што Македонија бележи уназадување во демократијата.
„И замислете сега тие, кои сместени во највисоките врвови на власта и добиле епитет на корумпирани и криминализирани, сега ќе ја реформираат Македонија. Не бива реформатори од луѓе потонати во корупција и криминал. Не. Ние сме реформаторите, а тие ќе бидат клиентите. Крајно време е овие клиенти во сите области да одговараат. Се разбира пред независно судство“, рече Сиљановска Давкова.
Според неа, претседателот може да помогне за независното судство и ако во Судскиот совет двајцата претставници од претседателот се луѓе со дигнитет, интегритет, посветени на правото, борци за владеење на правото.
„Но не е така бидејќи таму се по партиски клуч, а не за тоа што се најдобри“, порача таа.
Кандидатот за претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Сиљановска-Давкова утре ќе ја презентира програмата пред граѓаните во Дебар, Гостивар и во Тетово.