сабота, 27 јули 2024
Претседателката го прими амбасадорот на ЕУ

Сиљановска Давкова на Гир му укажа на потребата на земјата за напредок кон ЕУ

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска го прими шефот на делегацијата на Европската Унија, амбасадорот Дејвид Гир, соопштија од претседателскиот кабинет. Таа посочила на потребата за напредок во процесот кон членство во Европската Унија, како стратешка цел на државата и определба на мнозинството од македонските граѓани.

Објавено на

часот

Сподели

„На средбата претседателката Сиљановска Давкова се заблагодари за упатените честитки од челниците на Европската Унија по повод нејзиното стапување на функцијата и изрази подготвеност за целосна соработка со делегацијата на Европската Унија во Скопје во однос на пристапниот процес на државата, истакнувајќи ја значајноста на делегацијата како своевиден координатор на активностите на ЕУ во земјава.

Претседателката Сиљановска Давкова посочи на потребата за напредок во процесот кон членство во Европската Унија, како стратешка цел на државата и определба на мнозинството од македонските граѓани.

Нашата иднина, според претседателката Сиљановска Давкова, несомнено е во Европската Унија, а местото на нашата држава е на иста маса со европските земји со кои нѐ обединуваат историски, културни и морални традиции и вредности.

Претседателката посочи на нејзината подготвеност да придонесе во градењето единство за прашања од национален и државен интерес и да придонесе кон обезбедувањето на политички и општествен консензус по однос на реформската агенда и усвојувањето на закони за кои е предвидено европско знаменце, со цел да се избегне неговата злоупотреба, што беше нотирано и од самата ЕУ во изминатиот период.

Претседателката Сиљановска Давкова истакна дека и покрај високото ниво на подготвеност на македонската администрација и насобраното искуство, напредокот во исполнувањето на критериумите трпи поради политички околности и потези за кои се одговорни и одредени земји – членки на ЕУ.

Во тој контекст, таа посочи на потребата од враќање на вербата во мериторен процес на интеграција, со фокус на исполнување на копенхашките критериуми“, се вели во официјалното соопштение.

Денеска претседателката го прими и амбасадорот на Италија.

„Претседателката Сиљановска Давкова истакна дека двете земји имаат традиционално пријателски односи и изрази силна подготвеност за натамошно унапредување на политичкиот дијалог и интензивирање на севкупните билатерални односи со Италијанската Република, преку засилување на постоечките и изнаоѓање на нови можности за соработка.

На средбата беа разменети мислења за текот и натамошните чекори во однос на евроинтеграциите на земјава, при што претседателката истакна дека ќе се залага за широк општествен консензус во однос на прилагодување на македонското со европското законодавство, со цел доследно исполнување на реформските процеси и зголемување на кредибилитетот на процесот на проширување на Европската Унија.

Претседателката изрази благодарност за досегашната улога и пристап на Италијанската Република во поддршката за целиот регион во врска со процесот на европските интеграции и укажа на позитивниот однос на официјален Рим при надминување на споровите со своите соседи при приемот на нови членки во Унијата.

Македонската претседателка Гордана Сиљановска Давкова изрази надеж дека Италијанската Република и во иднина принципиелно ќе ја поддржува земјава во мериторниот процес на исполнување на европските критериуми со цел забрзана интеграција на земјава во ЕУ, што претставува заеднички интерес за поширокиот регион“, се вели во ова соопштение.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ