среда, 11 декември 2024
Претседателски избори 2024

Сиљановска Давкова: Не мислам дека сум посебна, но она што ќе го ветам ќе го остварам на мој начин

Горда сум со мнозинството граѓани, и не само со оние што гласаа за мене, а особено со членството на ВМРО-ДПМНЕ, затоа што така го запознав народот, а и народот ме запозна мене, кажа вечерва кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Сиљановска Давкова, во првото обраќање по завршувањето на гласањето во првиот круг од претседателските избори.

Фото: Роберт Атанасовски

Објавено на

часот

Сподели

Сиљановска Давкова изрази благодарност за демократското однесување и капацитетот до медиумите, коалициските партнери, жените, но и до нејзините противкандидати, за кои кажа дека и во единствената дебата и во изјавите во текот на кампањата не го пречекориле нивото на пристојност.

„Горда сум со граѓаните, не само со оние што гласаа за мене, туку и со другите, а особено сум горда со членовите на ВМРО-ДПМНЕ заради поддршката. Без нив немаше да го запознаам народот, ниту тој мене. Горда сум со мојот тим, постојано беа со мене, горда сум и со учесниците во изборната трка и посебно со коалиционите партнери на ВМРО-ДПМНЕ. Посебно сум горда со жените во Македонија, мислам дека е време на идентификација на жена со жена без оглед на која идеологија и политичка партија ѝ припаѓаат. Жените беа моја инспирација и јас нивна“, изјави Сиљановска Давкова.

Таа кажа дека ова е почеток на ново време и повторно повика на владеење на правото, но и на „насушната потреба за обединување“. Затоа, вети таа, секојдневно ќе соработува со Владата, Собранието, со сите партии, невладиниот сектор, со медиумите. Дополни дека треба, како што рече, граѓаните да се инспирираат дека вреди да се учествува на избори.

„Јасно ми е дека резултатот е инспиративен. Не мислам дека сум посебна, туку знам дека она што ќе го ветам ќе го остварам на мој начин. Ова е крајот на првиот круг, доаѓа вториот круг, јас ќе се однесувам и во вториот круг кон оној со кој ќе треба да се натпреварувам, со должна почит. Се разбира, очекувам ист таков однос. Не мислам дека треба да фрлиме сенка кон она што се случуваше денеска, треба да ги инспирираме граѓаните, да ги увериме дека вреди да се учествува на избори, да се чуе дека сум горда, особено со граѓаните, а без граѓани нема горда Македонија“, рече Сиљановска Давкова.

Таа порача дека мора да се сплоти „сето она што навистина ѝ посакува добро на Македонија и да не останеме само во македонски рамки, туку да делуваме регионално, да си помагаме и да ги користиме сите форми на соработка“.

„Ако немаме регионален пристап и борба во битката за европските интеграции, тогаш да не очекуваме поддршка однадвор. Во маргинализирањето на оваа држава учествувале и оние од Запад, со отсуство на јасна политика за евроинтеграција. Ако побараме помош од оние во регионот што се членки на ЕУ, ќе бидеме компетитивен играч“, рече Сиљановска Давкова.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ