сабота, 27 јули 2024
Официјална средба во Рим

Сиљановска Давкова: Матарела е подготвен да помогне во барањето решенија со соседите (ФОТО+ВИДЕО)

Претседателката на Македонија, Гордана Сиљановска Давкова денеска во Рим беше примена во официјална средба од претседателот на Италија, Серџо Матарела, од кого, како што изјави по средбата Сиљановска Давкова, побарала гаранции за европската иднина на државата. Тој изразил подготвеност да помогне и во барањето решенија со соседите.

Фотoграфии и видео: Кабинет на претседателот на Италија

Објавено на

часот

Сподели

„Побарав од италијанскиот претседател и од Италија на натамошниот пат да помогнат околу давање гаранции за нашата европска политичка иднина, на што тој одговори дека е подготвен да застане зад нас, се разбира и во барањето на решенија со соседите“, изјави Сиљановска Давкова по средбата со Матарела.

Претседателката на Македонја средбата ја оцени како плодна и конструктивна. На неа разговарале за сестраната соработка во период од 30 години, не само со нас, туку и со целиот регион на Западен Балкан.

„Претседателот рече дека Италија ќе продолжи да го поддржува регионот, да не поддржува нас, во секој поглед, не само во евроинтеграциите, туку и во економијата, обраозванието, културата, одбраната, па и нашето членство во меѓународни организации“, рече Сиљановска Давкова.

Таа истакна дека на средбата ја импресионирало тоа што Матарела покажал длабоко разбирање за направените жртви на земјава во процесот на евроитеграциите.

„Претседателот напомена дека во моментов не може да зборуваме дека има големи и мали држави во ЕУ, дека сите се мали и дека сите имаат потреба едни од други. Постигнавме согласност дека европските стандарди треба да се почитуваат од сите и од оние надвор, како од оние што се внатре“, рече Сиљановска Давкова.

На средбата, како што информира кабинетот на претседателот на Италија, присуствувала и државната потсекретарка за надворешни работи и меѓународна соработка, Марија Триподи.

Во официјалното соопштение од кабинетот на претседателката на Македонија се вели дека „двајцата соговорници разменија мислења за предизвиците на македонскиот евроинтегративен процес при што претседателката упати благодарност за досегашната италијанска поддршка на политиката на проширување на Европската Унија, како и за позитивниот однос при надминување на меѓусоседските спорови при приемот на нови членки во Унијата“.

„Со цел одржување на кредибилноста на процесот на проширување, почитување на меѓународното право и универзалните демократски вредности, претседателката Сиљановска Давкова изрази надеж дека Италијанската Република и во иднина ќе го поддржува мериторниот процес на исполнување на Копенхагенските критериуми во однос на евроинтеграциите. Воедно, таа изрази подготвеност за соработка со цел доследна реализација на сите неопходни реформи во клучните области кои беа нотирани од страна на Европската Комисија. Како НАТО сојузници, на средбата беше потврдена подготвеноста за продолжување на одбранбената соработка и меѓусебна поддршка во однос на надминување на актуелните безбедносни предизвици на европскиот континент. Во таа насока, беа разменети мислења околу политичките состојби и отворените прашања на Западниот Балкан, коишто се од интерес за безбедноста и стабилноста на поширокиот регион“, се вели меѓу другото во соопштението.

Со средбата со претседателот Матарела, Сиљановска Давкова го заврши официјалниот дел на посетата на Рим и Ватикан во рамки на честувањето на 24 Мај – Денот на сесловенските просветители. Таа беше на аудиенција кај папата Франциск, а денеска присуствуваше на молебен на гробот на Свети Кирил во базиликата „Свети Климент“ и потоа положи венец пред спомен-плочата на македонски јазик во базиликата „Санта Марија Маџоре“.

Ова е прва првата официјална посета во странство на претседателката Сиљановска Давкова, по победата на претседателските избори на 8 мај.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ