сабота, 27 јули 2024

Сиљановска Давкова – Јовановиќ: Унапредување на меѓусебните односи меѓу Србија и Македонија по пат на отворен дијалог

Севкупните билатерални односи меѓу двете држави, биле во фокусот на разговорите на денешната средба на претседателката на Македонија Гордана Сиљановска Давкова со амбасадорката на Република Србија, Невена Јовановиќ.

Објавено на

часот

Сподели

Од кабинетот на Сиљановска Давкова соопштија дека таа ја реафирмирала определбата од македонска страна за натамошно унапредување на меѓусебните односи по пат на отворен дијалог, за сите прашања од заемен интерес.

„Претседателката Сиљановска Давкова истакна дека просперитетот и стабилноста на целиот регион, но и неговата европска интеграција, меѓу другото зависат и од нашите добри билатерални односи и посочи дека ќе работи во насока на продлабочување на односите, проширување на соработката, зацврстување на заемната доверба, разбирањето и добрососедството“, се наведува во соопштението.

Претседателката Сиљановска Давкова и амбасадорката Јовановиќ размениле мислења и информации за актуелните состојби во регионот, во контекст на неговата европска перспектива.

Амбасадорката Јовановиќ упатила честитки до претседателката Сиљановска Давкова по повод стапувањето на функцијата.

Сиљановска Давкова денеска ја примила и амбасадорката на Република Хрватска, Нивес Тигањ.

Како што соопштија од кабинетот на Сиљановска Давкова, на средбата се разговарало за одличните билатерални односи што се одликуваат со интензивен политички дијалог и конструктивна соработка во сите сфери од заемен интерес. Во таа насока, се наведува во соопштението, претседателката истакнала дека двете пријателски земји имаат заеднички стратешки цели и интереси за траен мир, стабилност и просперитет на регионот и пошироко.

Сиљановска Давкова упатила честитки до премиерот Андреј Пленковиќ по повод формирањето на новата Влада во Република Хрватска.

Таа, се вели во соопштението, ја истакнала важноста на цврстата и континуирана хрватска поддршка за македонскиот евроинтегративен процес како најдобар пат за развојот на регионот и за стабилноста на Европа.

Ја нагласила и посветеноста на двете земји како НАТО сојузници за промовирање и споделување на заедничките вредности и одговорноста кон НАТО и придонесот за меѓународните мировни операции.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ