Сиљановска Давкова денеска од Охрид порача дека го почитува Преспанскиот договор и дека, како што нагласи, за разлика од други, го почитува меѓународното право. Таа рече дека начинот како ќе го користи името на државата е „лична определба, право што е загарантирано со повисоки акти од билатералните договори“.
Давкова пред медиумите истакна дека преку разговори ќе ги убедува Грците, дека е во право кога го користи името Македонија наместо уставното име на државата.
За начинот како тоа ќе го спроведува, рече дека има план.
„Се разбира дека имам план. Планот е градење добрососедски односи. Планот е нудење почит и барање самопочит. И мислам дека како што во политиката треба да се трага по уметноста на можното, ќе го направиме набрзо. Мојата прва изјава беше дека нема да одам по светот, дека сакам да се сретнам со соседите и мислам дека ќе го остварам тоа. Се разбира за разговор се потребни сите околу вас и ние немаме друг избор освен да разговараме. Дијалогот е здрава работа и ако нема взаемна почит нема да има резултат. Политиката бара дијалог и јас сум спремна да трагам по тоа и взаемно да ги надминеме проблемите“, истакна претседателката.
По однос предупредувањата од официјална Атина дека не е исклучена можноста од покренување постапка пред Меѓународниот суд во Хаг за непочитувањето на одредбите на Преспанскиот договор, Сиљановска Давкова рече дека потсетува на претходните пресуди на истиот тој суд што не беа почитувани од Грција.
„Истиот тој меѓународен суд, каде ние бевме со Грција, пресуди во однос на кршењето на членот 11 од Привремената спогодба. Тоа е исто така меѓународен договор. Не верувам дека веднаш ќе се оди на суд. Има градација во Преспанскиот договор. Прво се укажува, се разговара, се адресира прашањето до Обединетите нации па потоа се оди на суд. Пресудите на судот треба да важат ерга омнес, но тоа не се случи во нашиот случај“, истакна претседателката.
Инаку проблемите во односите со Грција настанаа откако Сиљановска Давкова при положувањето на свечената заклетва при стапувањето на претседателката должност изговори Македонија, а не Република Северна Македонија, што според официјална Атина претставува кршење на Преспанскиот договор и вовед во можна блокада на евроинтеграцискиот процес.
Претседателката на Македонија на новинарско прашање одговори дека мандатот за состав на нова влада ќе го додели во наредните десет деца, а во врска со ДУИ и реакциите што нема да биде дел од власта, таа рече:
„Многу ми е жал што морам да ги разочарам, но како конституционалистка го читам она што го пишува во Уставот. Нема двајца победници на изборите, еден победник има, тој ги избира коалиционите партнери. Се разбира дека е политички, етнички, демократски здраво да вклучите во владата албански партии, тоа мандатарот веќе ќе го направи, меѓутоа другите тези од типот мнозинство – малцинство апсолутно не држат. Мнозинство има оној што има зад себе 61 пратеник и се разбира, посакувам во иднина при креирањето влади одлучувачки да бидат програмите, односно идеологијата. Тешко можете да мешате вода и масло, треба да имате компатибилни програми, за да имаме навистина реформи“, рече таа.