петок, 26 јули 2024
Од митингот во Битола

Сиљановска-Давкова: И политиката е од женски род, со жена претседател македонските жени ќе станат поуспешни

На митингот во Битола претседателската кандидатка Гордана Сиљановска Давкова им порача на граѓаните дека нема корист од партиски послушници и од партиски војници и додаде дека заложбите за правата на жената се заложби за човекови права. Таа вети дека во својот претседателски кабинет ќе ангажира поголем број на жени.

Објавено на

часот

Сподели

„Не жени заради некакви квоти и не за да се прикажам како радикална феминистка, туку со тоа ќе им укажам на мажите дека се откажувале од многу знаење, ум, креакција и посветеност. Ако Македонија добие жена претседателка, жените ќе се идентификуваат со неа, и ќе бидат не само во семејството, туку поуспешни на работа па и во политиката оти, и политиката е од женски род“, рече Сиљановска.

Таа говореше за местото на Македонија во Европската Унија и во светот и особено за барањата од земјава  за уставни измени како услов за преговори со ЕУ.

„Па ве молам, ако со уставни измени се станувало членка на Европската Унија, тогаш Македонија одамна ќе беше членка, имајќи ги предивд досегашните триесетина уставни измени“, рече Сиљановска – Давкова пред битолчани и додаде дека Битола, а и Македонија, се Европа, биле и ќе бидат.

Таа вети дека како претседател на Македонија нема да дозволи некадарни луѓе и луѓе кои не се патриоти да ја претставуваат државата како амбасадори и дипломати. Сиљановска Давкова даде коментар и за тврдењата од противничките табори дека ако таа стане претседателка, а Мицкоски премиер, земјата ќе отиде во изолација.

„Интересен феномен! Еве јас ги прашувам, тие што тврдат дека сме изолирани, кој нив ги поддржува на овие избори? Веројатно чувте дека легендата на Европските народни партии, Дорис Пак, мене јавно ме поддржа. Овде беше присутна во знак на поддршка, дури и вчера нè придружуваше на собирите една од најпознатите пратенички од шведскиот Риксдаг, Маргарета Цедерфелт. Дали е тоа изолација?“, запраша таа.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христија Мицкоски во обраќањето пред битолчани рече дека ги предупредува да не подлегнуваат на, како што нагласи, црните кампањи на власта кои ги надминуваат дури и најмрачните помисли за лудилото кое може да го достигнат.

„Јас таквата игра на нивната црна кампања на сценарија креирани од СДСМ и ДУИ ги викам натпревар за прво место на дното.  На луѓето не им е тешко да оправдуваат напад врз полицаец, а замислете тоа да беше нивниот син, брат или дете, како ќе реагираа. Не им е тешко дури и да фалсификуваат документи“, кажа Мицкоски.

Мицкоски на политичките противници им испрати порака: „Бевте, сте и ќе останете аматери. Ама крајот доаѓа“.

Во однос на противкандидатот на Сиљановска Давкова, актуелниот претседател Стево Пендаровски, Мицкоски рече дека треба да се прави голема разлика.

„Изборот е помеѓу Стево Пендаровски и Гордана Сиљановска Давкова. Пендаровски е арогантен. И треба да добиеме впечаток дека е сега дојден нов во политиката, а не 5 години претходно и наместо претседател тој стана коментатор кој по ниедно дело нема да го запаметиме. Тој е едноставно како турист во сопствената земја“, рече Мицкоски.

Мицкоски додаде дека Пендаровски е нераскинлив дел на криминалната коалиција СДСМ и ДУИ.

„Еве ве прашувам што направил Стево Пендаровски во неговата 30 годишна кариера како политичар и советник? Ако некој се сети да го предложиме за Нобелова награда“, рече Мицкоски.

Тој истакна дека Пендаровски се плаши од дуел сам со себе, а не пак, како што додаде, од дуел со Сиљановска Давкова.

„Но, она што важи како легенда е дека Стево Пендаровски најмногу се плашел од Артан Груби и кога ќе го видел мирно стоел со часови, не се поместувал. Тој е длабоко во себе уплашен човек седнат во скутот на ДУИ. И ме асоцираат и тој, а и Ковачевски и нивниот однос со ДУИ на култната реплика од филмот ‘Среќна нова 49’ кога изневерените очекување кон пријателот се оправдуваа со реченицата: ‘Извини Пиги, морално беше’. Извини Пиги морално беше, ќе им каже ДУИ на Пендаровски и на Ковачевски вечерта на 8 мај кога сите заедно катастрофално ќе изгубат и ќе бидат поразени од народот“, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

„На Битола и на Македонија им се потребни промени. Македонија и вашиот град со својата посебност заслужуваат да бидат претставувани од човек како нашиот кандидат за претседател Гордана Силјановска Давкова“, рече меѓу другото во своето обраќање на митингот Ѓорѓија Сајкоски, носител на листа за пратеници од изборна единица 5.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ