Мицотакис пораката до претседателката Гордана Сиљановска Давкова ја упати преку интервју за весникот Македонија и додаде дека ратификацијата на трите меморандуми од Преспанскиот договор зависи и од тоа колку другата страна ќе се покаже доследна до меѓународните обврски.
„Новата претседателка на Северна Македонија направи незаконски и провокативен избор да го прекрши официјалниот текст на заклетвата и да ја нарече својата земја со поинакво име од она што е дефинирано со самиот Уставот на соседната држава, со што не го прекрши само Договорот од Преспа, туку и Повелбата на нејзината татковина“, рече Мицотакис.
Во однос на одлуката на СИРИЗА меморандумите да ги донесе во Парламентот, рече дека е „неприфатливо грчки= сили да предлагаат нешто што воопшто не го ни предлага другата страна“.
„Гласањето на меморандумите зависи и од другата страна, Очекуваме да се придржува до договореното. А ние како држава која има континуитет и доследност, соодветно ќе го сториме предвиденото“, рече Мицотакис.
Тој потсети дека Нова демократија како опозиција не го поддржа Договорот, но и дека уште тогаш потенцираа дека од моментот кога ќе се изгласа е обврзувачки за земјата.