вторник, 24 декември 2024

Силен земјотрес во Кина, повеќе од 100 лица загинати (ВИДЕО)

Најмалку 118 лица загинаа во земјотресот со јачина од 6,2 степени според Рихтеровата скала што го погоди северозападниот дел на Кина во провинциите Гансу и во соседната провинција Чингхаи. Кинескиот претседател Си Џинпинг повика на дополнителни напори во операциите за пребарување и спасување.

Објавено на

часот

Сподели

Земјотресот се случи во понеделник во 23:59 часот по локално време на длабочина од 10 километри во округот Џишишан во Гансу, на околу 100 километри југозападно од главниот град на провинцијата Ланжу, при што се повредени најмалку 500 лица и оштетени се околу 6.400 домови во областа и патната и друга инфраструктура, соопштија локалните кинески власти.

Во вторникот наутро, потврдена е смртта на 105 лица, а 397 се повредени во провинцијата Гансу, од кои 16 се во критична состојба, изјави на прес-конференција портпаролот на локалниот оддел за итни случаи.

Уште 13 лица загинаа, а 182 се повредени во Чингхаи, област северно од епицентарот, објавија државните медиуми. Уште 20 се водат како исчезнати во Чингхаи, откако биле затрупани при лизгање на земјиште, пренесува АП.

Подрачјето погодено од земјотресот се наоѓа во планински регион, каде температурите се екстремно ниски, околу -14 степени, што дополнително ја отежнува работата на спасувачите, наведува кинеската агенција Ксинхуа.

Иако периодот од 72 часа се наведува како време во кое може да се најдат преживеани по земјотрес, поради временските услови тој период е пократок, а заробените под урнатините се изложени на уште поголем ризик.

Во подрачјето погодено од земјотресот постепено се обновува снабдувањето со електрична енергија. Оштетени се десетици автопати и селски патишта, а предизвикани се и неколку одрони.

Земјотресот бил почувствуван во повеќе околни области, вклучувајќи го Ланжу, главниот град на провинцијата Гансу, на околу 100 километри североисточно од епицентарот.

До 8 часот по локално време, регистрирани се 32 последователни потреси, од кои најголемиот бил со јачина од 4 степени, соопшти провинцискиот оддел за итни случаи.

Кинеското Министерство за финансии и Министерството за вонредни ситуации денеска доделија 200 милиони јуани (28 милиони долари) помош за погодените провинции Гансу и Чингхаи, објави кинеската државна телевизија.

Најсмртоносниот земјотрес во Кина во последните децении се случи во 2008 година, со јачина од 8 степени според Рихтеровата скала, кога загинаа 70.000 луѓе.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ