Тој наведе дека унгарската влада, која веќе 15 години води политика слична на политиката на Трамп, на тоа остро се противи, се наведува во соопштението на унгарското министерство за надворешни работи.
„Унгарија веќе петнаесет години води антиемигрантска, просемејна, мировна, конзервативна, патриотска политика насочена кон спроведување на националните интереси, слично како што претседателот Доналд Трамп им вети на Соединетите Американски Држави. Значи, ние сме Трамп веќе петнаесет години“, кажа Сијарто пред средбата со шефот на американската дипломатија Марко Рубио во Вашингтон.
Тој потсети дека Унгарија веќе три години живее во соседството и сенката на конфликтот во Украина, „соочувајќи се со неговите драматични последици“.
„Значи, ако постои земја која е заинтересирана за успех на Доналд Трамп, која е заинтересирана за успех на сегашната американска администрација, ако постои земја која е заинтересирана за да се постигне голем американско-руски договор, тогаш тоа сме ние. Истовремено, јасно е дека во западната половина на Европа се одвива многу сериозна организација, во суштина против Трамп. Нормално, тоа е и против мирот, но конфликтот е само изговор за организирање против Доналд Трамп“, кажа тој.
Сијарто истакна дека овие земји во неделата одржаа состанок во Лондон на кој одлучија Украина да го продолжи конфликтот.
„Ова е многу лошо, ова е многу опасно, ова е огромна грешка, бидејќи ако конфликтот продолжи, тогаш уште повеќе луѓе ќе умрат, ќе има уште поголемо разурнување, а ризикот од ескалација ќе трае уште подолго“, предупреди тој.
Оцени дека е добра вест тоа што, за разлика од претходно „само Брисел и понатаму сака конфликт, Вашингтон повеќе не, па на Унгарија ќе ѝ биде многу полесно да се извлече од конфликтот“.
„Конфликтот донесе многу лоши нешта. Сите ги чувствуваме економските последици дома, поскапувањата, ефектите на санкциите на цените на енергенсите“, истакна тој.
Сијарто порача дека провоените Европејци вложуваат очајнички напори да ги скршат напорите на американскиот претседател, а, како што наведе, „ако тоа не им успее, тие самите ќе продолжат да ги финансираат борбите“.