„Во моментов светот минува низ промени кои не се видени во последните стотина години, меѓународната ситуација е испреплетена со хаос“, му кажа Си на Путин во рускиот град Казањ на отворањето на самитот на БРИКС, групата која ја предводат Кина, Русија, Бразил, Индија и Јужноафриканската Република. „Но цврсто верувам дека пријателството на Кина и Русија ќе продолжи со генерации и дека одговорноста на тие големи земји кон своите граѓани нема да се смени“.
Русија, која води војна во Украина, и Кина, на чија растечка воена и економска сила се обидува да ѝ се спротивстави Вашингтон, сè повеќе наоѓаат заеднички геополитички цели.
САД ја сметаат Кина за свој најголем ривал, а Русија за најголема државна закана. Американскиот претседател Џо Бајден оцени дека „демократиите се соочуваат со предизвикот од автократиите како Русија и Кина“.
Бајден го нарече кинескиот лидер Си „диктатор“ и кажа дека рускиот претседател Путин е „убиец“. Путин сега го нарече Си „свој драг пријател“ и истакна дека партнерството со Кина е сила на стабилност во светот.
„Руско-кинеската соработка во светските прашања е еден од главните стабилизирачки фактори на светската арена“, кажа Путин. „Планираме дополнително да ја подобриме координацијата на сите мултилатерални платформи за да обезбедиме глобална сигурност и праведен светски поредок“.