сабота, 27 јули 2024

Си го поздрави Путин и „односите на добри соседи“, Путин рече дека нивните односи се фактор на стабилност“

Кинескиот претседател Си Џинпинг денеска истакна дека односите меѓу Пекинг и Москва се „односи на добри соседи, пријатели и партнери“, а неговиот руски колега Владимир Путин оцени дека тие се и „фактор на стабилност на меѓународната сцена“.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Путин пристигна рано утрово по кинеско време во Пекинг, каде што беше пречекан од Си Џинпинг со целосни воени почести пред седиштето на кинескиот парламент во центарот на градот.

Односите меѓу Кина и Русија не се само во основниот интерес на двете земји и двата народа, оцени Си Џинпинг и рече дека е подготвен да ги зајакне тие врски, соопшти кинеското МНР.

Путин рече дека односите меѓу двете земји се „фактор на стабилност“ и дека тие „не се опортунистички и не се насочени против никого“, пренесоа руските медиуми.

Путин дојде во Пекинг со надеж дека ќе го убеди, како што истакна, својот „драг пријател“ Си Џинпинг да даде поголема поддршка за руските воени напори во Украина, пишува Франс прес.

Дводневната посета е прва посета на Путин во странство откако тој беше реизбран за претседател во март оваа година и негова втора посета на Кина за нешто повеќе од шест месеци.

Кина е важен извор за економски спас на Русија, која е под силни западни санкции со кои е казнета поради воената офанзива против Украина.

Неколку часа пред да замине на патувањето, Путин го поздрави напредокот на руската армија во Украина. Русите тврдат дека зазеле повеќе места во североисточниот регион Харков.

Си Џинпинг неодамна се врати од европската турнеја за време на која ги посети Франција, Србија и Унгарија каде го бранеше правото да одржува нормални економски врски со рускиот сосед.

Кина увезува руски енергенти по добри цени. Двете земји формираа билатерално партнерство опишано како „безгранично“ на почетокот на 2022 година, непосредно пред почетокот на руската инвазија на Украина.

Си рече дека двете земји дополнително ги развиваат односите како „добри соседи, добри пријатели и добри партнери“ во спроведувањето на своите заложби за „односите без граници“ потпишани во 2022 година, според државната телевизија ЦЦТВ.

Оттогаш, Русија стана економски се позависна од Кина бидејќи западните санкции ѝ го спречија пристапот до голем дел од меѓународниот трговски систем.

Руската државна агенција РИА-Новости ги пренесе зборовите на Путин дека односите меѓу Русија и Кина не се насочени против никого.

„Нашата соработка во светските прашања денес е еден од главните стабилизирачки фактори на меѓународната сцена“, рече Путин.

Путин го пофали Си за неговата иницијатива „Појас и пат“, која има за цел да изгради патишта, пристаништа, електрани и друга инфраструктура што ја поврзува Кина со нејзините соседи.

Кремљ соопшти дека двајцата претседатели ќе разговараат за клучните области за развој на руско-кинеската соработка, и ќе разменат мислења за меѓународни и регионални прашања.

Говорејќи за кинеската новинска агенција Ксинхуа во средата, Путин ја поздрави „искрената желба“ на Пекинг да работи за решение на украинската криза.

Кина редовно повикува на почитување на територијалниот интегритет на сите земји, вклучително и Украина, но повикува и на разгледување на безбедносните грижи на Русија.

За време на посетата на Путин, експертите очекуваат Москва и Пекинг да го прослават своето партнерство и да потпишат повеќе трговски договори.

Тие, исто така, треба да дадат заедничка изјава и да присуствуваат на вечерата по повод 75 години од дипломатските односи меѓу двете земји, се вели во соопштението на Кремљ.

Путин треба да се сретне со премиерот Ли Чианг и во петок да отпатува во Харбин на североисток за да го посети саемот за трговија и инвестиции.

Блиските врски меѓу двете земји се соочуваат со зголемен сомнеж од неколку западни земји, пишува Франс прес.

Вашингтон му даде црвена линија на Пекинг да не ја снабдува Русија директно со оружје и вели дека засега нема докази дека тоа не се почитува. Но, САД проценуваат дека економската поддршка на Кина сè уште ѝ овозможува на Русија да го зајакне своето производство на ракети, беспилотни летала и тенкови.

Кинеско-руската трговија „експлодира“ од почетокот на руската инвазија на Украина и достигна 240 милијарди долари во 2023 година, покажуваат податоците на кинеската царина. Но, кинескиот извоз во Русија падна во март и април, откако Вашингтон се закани дека ќе воведе санкции за финансиските институции кои ја поддржуваат војната на Русија.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ