недела, 23 јуни 2024

Си-ен-ен: Што се крие зад Путиновите сигнали дека е спремен да ја прекине војната?

На овонеделниот сигнал на рускиот претседател Владимир Путин дека е отворен за мировни преговори треба да се гледа со огромна, тешка резервираност и во контекст на минатите искуства на Украина – и на Западот – со руската дипломатија, пишува Си-ен-ен.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Во петокот изненади веста дека рускиот претседател Владимир Путин е спремен да ѝ стави крај на војната во Украина и да почне мировни преговори. Ова прво за агенцијата Ројтерс го потврдиле четири руски извори, а ден подоцна Путин јавно го кажа овој став при посетата на Белорусија. Во исто време, тој нагласи дека нема намера да преговара за враќање на украинските територии што сега се под руска окупација и сочинуваат приближно една петтина од целата Украина.

Презентираната идеја за прекин на огнот во источна Европа би значела дека Русија не би ја постигнала својата цел да го окупира целиот регион Доњецк, но би ги поништила изјавите на украинските лидери дека нема да ѝ отстапат на Москва ниту педа од својата територија.

Како што се истакнува во анализата на Си-ен-ен, на понудата на Путин треба да се гледа со голема претпазливост, особено ако се земат предвид минатите искуства на Украина и на Западот со руската дипломатија.

Клучен е контекстот на изјавите на Путин, вели Си-ен-ен. Тој нив ги искажа за време на посетата на белорускиот претседател Александар Лукашенко, која се одржа во екот на заедничките руско-белоруски вежби со тактичко нуклеарно оружје. Путин зборуваше за мир со заднина што беше сѐ освен мирољубива.

Најавувајќи ја својата спремност за мировни преговори, Путин го доведе во прашање и легитимитетот на украинскиот претседател Володимир Зеленски, кому Москва редовно му се нафрла, откако Киев мораше да ги одложи претседателските избори поради војната што токму Путин ја почна. Во исто време се појавија непотврдени информации дека приватниот авион на поранешниот украински претседател Виктор Јанукович слетал во Белорусија. Прорускиот Јанукович побегна од Украина во 2014 година по насилните протести и пукањето во демонстранти. Самата можност за присуство на Јанукович на средбата меѓу Путин и Лукашенко ги поттикна шпекулациите дека Кремљ повторно се надева на враќање на својата марионета на власт во Украина.

Фото: ЕПА

Помалку бруталната руска цел – во споредба со целосната или делумната окупација – беше устоличување на претседател лојален на Русија во Киев, кој ќе го запре патот на земјата кон Европската Унија и НАТО. Toa беше фантастика пред инвазијата во 2022 година, а се појави и за време на прекинатите разговори во Истанбул во 2022 година. Но сега веројатно ќе биде потребна окупаторска руска сила за тоа да му го наметне на населението, кое врие од бруталноста на Кремљ.

Е па зошто рускиот претседател зборува за мир во време кога руската армија ги бележи најголемите успеси на фронтот? Дипломатијата отсекогаш била воена алатка за Русија. Таа зборуваше за мир во Сирија во 2015 година, додека нејзините авиони бомбардираа цивили во областите под контрола на бунтовниците. Во 2015 зборуваше за мир со Украина додека руските војници и сепаратистите поддржани од Кремљ беа во офанзива против стратегискиот град Дебалцеве.

Затоа, недовербата во руската искреност во преговорите не е цинична, туку практична неопходност. Искуството покажува дека Москва смета дека вреди да преговара за во случај неочекувано да постигне поволен исход без насилство, или да му даде на противникот причина да престане да се бори и да се обиде да поттикне договор.

За ваквиот потег на Русија има уште две причини. Прво, Украина и нејзините сојузници планираат мировен состанок во Швајцарија во јуни, каде што без Русија ќе разговараат за тоа каков мировен договор украинското раководство би било спремно да прифати. Веројатно целта е да се создаде импулс за исклучување на Кремљ од воениот автопат кога неговите сили конечно ќе бидат воено исцрпени или во ќор-сокак.

Фото: ЕПА

Зеленски изрази надеж дека ќе дојде и Кина, која ѝ е сојузник на Русија, но не ја поддржува целосно војната во Украина. Изјавите на Путин дека е спремен за мир може да го одвратат Пекинг од учеството во дипломатија без присуство на Русија. Мали се сериозните шанси самитот во Швајцарија да ѝ стави крај на војната, но може во умовите на Западот да ја дефинира сериозната закана што ја претставува Москва за еден реален мировен договор со тоа што ќе ја изложи штетата што би ја претрпел украинскиот територијален интегритет за да се запре крвопролевањето.

Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба во петокот веќе го обвини Путин дека се обидел да го саботира самитот. „Путин во моментов нема желба да ја прекине својата агресија против Украина“, напиша тој на Икс додавајќи „ова е причината зошто толку се плаши од“ самитот во Швајцарија.

Втора, и поважна причина зошто Путин во моментов изрази спремност за мир е пораката што сака да им ја испрати на западните влади и на сегашната американска претседателска кампања. Тој се обидува индиректно да сугерира – можеби на европските популисти или на републиканците на Трамп во САД – дека постои еден едноставен договор што ќе ги замрзне борбите на фронтот, каде што Украина во моментов губи со значителни жртви.

Западната поддршка за Киев е скапа и сѐ понепопуларна, вели Си-ен-ен, иако неодамнешните 61 милијарда долари одобрени од Конгресот можеби го поштедија ова прашање да не зависи од милоста на избирачкиот став околу една година.

Написот на Ројтерс им овозможува на оние на Западот што сакаат војната да заврши да веруваат дека Кремљ може веднаш да ја прекине војната. Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, рече дека написот звучи како да ја одразува постојаната позиција на Русија. Но на крај тој може да им звучи како нешто ново и интересно на клучните западни фигури: Доналд Трамп – кој не објасни како ќе го оствари своето тврдење дека може да ја прекине војната за 24 часа – и другите членки на НАТО што се помалку агресивни од Франција, Обединетото Кралство и балтичките земји, за потребата никогаш да не ѝ се верува на Русија на преговарачка маса.

Фото: ЕПА

Путин е прагматичар. Тој ја почна војната мислејќи дека ќе биде лесно. Ја продолжи мислејќи дека ќе триумфираат неговото издржување болка, автократска сигурност и трпение за победа. Можеби е во право, токму сега. Тој сега гледа момент на изборна слабост во САД, и во другите европски држави, на што реагира со нејасен, индиректен сигнал дека можеби дошло времето за дипломатија.

Тоа веројатно до одредена мера ќе влијае кај оние што очајно се надеваат дека војната во Украина едноставно ќе исчезне и кои се помалку свесни за егзистенцијалната закана што победничката и хипермилитаризирана Москва ја претставува за источните членки на НАТО. Но на тоа треба да се гледа низ призмата на длабокиот цинизам на досегашните дипломатски акции во Сирија и во Украина: се користат за жестоко остварување на истите воени цели, но со илузорна заднина дека мирот може да е веднаш зад аголот, завршува Си-ен-ен.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ