Во меѓувреме, Киев бара од своите западни сојузници да ги забрзаат испораките на оружје и да одобрат користење на ракети со долг дострел за напади длабоко на руска територија.
Според податоците на Пентагон, во специјалниот механизам за брзо испраќање оружје на Киев (ПДА) кој го одобри Конгресот остануваат уште 5,9 милијарди долари. Меѓутоа, новите пакети оружје се сè помали како што се намалуваат американските залихи, пишува Си-ен-ен.
Преостанатите средства во рамки на ПДА мора да се искористат во следните две недели бидејќи Претставничкиот дом на Конгресот на САД не успеа да се договори за продолжување на овој рок. Затоа Белата куќа може да биде приморана да го смени досегашниот пристап со мали пратки, и во иднина „да најавува големи пакети воена помош за кои ќе бидат потребни месеци да се испорачаат“, наведува американската медиумска мрежа.
Вашингтон проценува дека на Киев ќе му бидат потребни најмалку половина милијарда средства од ПДА месечно во текот на фискалната 2025 година, пренесува Си-ен-ен, повикувајќи се на висок функционер на Белата куќа.
Минатата недела Волстрит џурнал објави дека западни функционери го предупредиле Киев дека „целосна украинска победа“ ќе бара огромни средства кои ни САД ни Европа не можат да ги обезбедат.
Се очекува украинскиот претседател Володимир Зеленски следната недела да му го претстави својот нов „план за победа“ на американскиот претседател Џо Бајден. Успехот на планот „директно ќе зависи од одобрувањето и поддршката од САД“, кажа Зеленски.
Украинските команданти и политичари во повеќе наврати тврдеа дека неуспесите на силите на Киев на бојното поле се резултат на доцнењето на западното оружје.
Москва истакнува дека никаква западна помош нема да ги спречи нејзините трупи да ги остварат поставените цели, ниту пак ќе го сменат крајниот исход на конфликтот.