„Кинеската посветеност на стабилен, здрав и одржлив развој на кинеско-американските односи останува непроменета“, кажа Си.
Кинескиот претседател го прими денес во Пекинг советникот за национална безбедност на Белата куќа кој од вторникот е во посета на Кина. Тоа е првиот американски советник за национална безбедност кој ја посетил Кина од 2016 година.
Тие осум години се период во кој односите меѓу Вашингтон и Пекинг се напнати поради трговски и безбедносни проблеми. Како што јавува Франс прес, Си му кажал на Саливен дека кинескиот ангажман за „здрави односи“ со Вашингтон „останува непроменет“.
Саливен претходно се сретнал и со кинескиот генерал и потпретседател на Централниот воен одбор Жанг Јусија, како и со шефот на кинеската дипломатија Ванг Ји.
Како што пишува германската агенција ДПА, средбата со генералот Жанг може да биде знак за приближување на Кина и САД. Жанг кажа дека состанокот ја покажува високата почит на Саливен за односите меѓу американската и кинеската војска.
Како советник на американскиот претседател Џо Бајден, Саливен игра клучна улога во формулирањето на американските безбедносни стратегии и координацијата на политиката кон Кина, додаде Жанг.
Централниот воен одбор е највисокото кинеско воено тело за носење одлуки, а со него претседава кинескиот претседател. „Двете страни повторно ја потврдија важноста на редовната комуникација меѓу војската и напорите за одржување дипломатија на високо ниво и отворени линии за комуникација според упатствата на претседателите Бајден и претседателот Си на самитот во Видсајд во ноември 2023 година“, соопшти Белата куќа.