Еднакво, нагласи Џаин, и ЕУ треба да испорача кога земјите кандидати ќе ги исполнат критериумите. Амбасадорката порача дека Шведска е посветен партнер на Македонија на нејзиниот пат кон ЕУ
На отворањето на дискусијата „Мониторинг на владеењето на правото за земјите-членки на ЕУ и кандидатите: Премостување на јазот“ што се одржа денеска во Скопје во организација на Институтот за европска политика (ЕПИ), Џаин оцени дека фундаменталните вредности се особено важна тема.
Според Џаин, геополитичката реалност даде импулс на процесот на проширување на исток, но и исто така и на Балканот и дека ЕУ моментумот е мошне значајна околност.
„Постои моментум за членството на вашата земја во ЕУ, со геополитичката реалност со руската агресија во Украина. Северна Македонија е целосно усогласена со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ. Заедно стоиме на правилната страна на историјата“, изјави Џејн.
Борбата против корупцијата и останатите димензии од владеењето на правото, нагласи Џаин, се фундаментални вредности на членството во ЕУ, со кои почнува и завршува процесот на пристапување.
„Преземате значителни чекори во борбата против корупцијата, но сепак се уште постојат значителни пречки на патот. Потребна е поструктурирана и системска борба против корупцијата во земјата. Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси се уште останува да биде целосно применет, како и Националната стратегија и акционен план. Друг клучен елемент за владеење на правото во Северна Македонија е да се обезбедат независноста, компетентноста и соодветни ресурси за судството“, изјави Џаин.
Зголемувањето на транспарентноста, според шведската амбасадорка, исто така, е особено важно, со акцент, како што кажа, на трошењето на јавните средства.