сабота, 27 јули 2024

Шведска: Ќе биде тешко да се утврди кој го разнесе Северен тек

Објавено на

часот

Сподели

На крајот на февруари Шведска и Данска, во чии ексклузивни економски зони на 26 септември минатата година се случија експлозиите, заклучија дека гасоводот со кој се пренесува гас од Русија во Германија е намерно кренат во воздух, но од тогаш не кажуваат кој би можел да биде одговорен.

Експлозијата во шведската зона се случила на длабочина од 80 метри и обвинител кажа дека ќе биде тешко и сложено тоа да се истражи.

„Се надеваме дека ќе можеме да кажеме кој го извршил нападот, но треба да се знае дека тоа, имајќи ги предвид околностите, веројатно ќе биде тешко да се утврди“, кажа обвинителот Матс Лунгквист. „Посветено работиме, сè ќе истражиме и ништо нема да препуштиме на случајот“.

Иако засега нема официјални заклучоци, постојат неколку теории за тоа кој ја извршил саботажата.

Германија објави дека нејзини истражители во јануари извршиле претрес на јахта која можеби била користена за превоз на експлозивот. Саботажата наводно ја извршиле двајца нуркачи. Матичното пристаниште на изнајмената јахта е на балтичкиот брег на Германија, а бродот е во сопственост на компанија регистрирана во Полска, зад која стојат двајца украински државјани.

Шведскиот обвинител Лунгквист истакна дека постојат разни информации и извештаи за саботажата и дека инцидентот е отворена арена за борба на разни влијанија. Тој истакна дека шпекулациите нема да имаат никакво влијание врз истрагата.

Рускиот претседател Владимир Путин кажа дека тврдењата за украинска саботажа се „целосна бесмислица“ и имајќи ги предвид јачината на експлозиите и длабочината на која се случиле, тоа „можеле да го извршат само експерти со поддршка од моќна држава“.

„Секогаш треба да се бараат оние на кои тоа им е од интерес. Теоретски, нормално, Соединетите Американски Држави се заинтересирани за сопирање на испораките на руска енергија на европскиот пазар и да ги снабдуваат со својот ЛНГ, дури и ако е 25 до 30 отсто поскап“, кажа Путин.

На почетокот на февруари познатиот и наградуван американски новинар Сејмур Херш објави тврдења на неименуван извор дека експлозивот го поставиле американски воени нуркачи во соработка со Норвешка. Според тој извор, бомбите биле поставени за време на воена вежба на НАТО минатото лето, а потоа биле далечински активирани.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ