недела, 19 мај 2024

Швајцарците гласаат за 13-та пензија и зголемување на старосната граница за пензионирање

Швајцарците во недела ќе гласаат за две иницијативи кои имаат за цел да го променат животот на пензионерите на дијаметрално спротивни начини. Едниот сака да ги зголеми пензиите, а другиот сака да ја зголеми старосната граница за пензионирање, пишува Франс прес.

Фото: Пиксабеј

Објавено на

часот

Сподели

Швајцарските синдикати изнесоа предлог за воведување дополнителен месечен социјален додаток за да им се помогне на пензионерите да се соочат со зголемените трошоци за живот во богатата алпска земја.

Иницијативата, наречена „Подобар живот во пензија“, повикува на исплата на 13-та пензија секоја година, како 13-тата плата што ја добиваат многу работници во Швајцарија.

Анкетите покажуваат дека мнозинството Швајцарци го поддржуваат, иако се чини дека бројот на поддржувачи се намалува и сè уште не е сигурно дека предлогот ќе помине.

Месечните социјални бенефиции во Швајцарија може да изнесуваат до 2.450 швајцарски франци за поединци и 3.675 франци за брачни парови. Тоа можеби изгледа многу, но во земја која постојано е рангирана меѓу најскапите во светот не е така, пишува Франс прес.

Киријата за типичен двособен стан во швајцарските градови е најмалку 3.000 франци, а кафето чини повеќе од пет франци. Доколку Швајцарците ја одобрат промената, не би биле први во Европа. Сличен систем со години има и соседниот Лихтенштајн, уште една скапа земја која користи швајцарски франк.

„Имаме криза на куповната моќ“, изјави шефот на Швајцарската синдикална федерација (СГБ) Пјер-Ив Мајар, кој припаѓа на кампањата „да“.

„Животниот стандард на пензионерите опаѓа“, изјави тој за АФП. Со тоа се согласи и пензионерот Јакоб Хаури. „Животните трошоците само продолжуваат да растат“, рече тој, жалејќи се дека социјалното осигурување „треба да гарантира минимум за живот, но тоа веќе не е така“.

Левичарските партии ја поддржуваат иницијативата, додека десничарските и центристичките партии жестоко се противат, како и швајцарската влада и парламентот. Владата посочува дека мерката ќе чини повеќе од четири милијарди швајцарски франци годишно, предупредувајќи дека ќе бара зголемување на даноците и може да ја загрози финансиската стабилност на системот за социјално осигурување.

„Ако иницијативата помине, многу пензионери ќе примат 13-та исплата од социјалното осигурување иако навистина не им е потребна“, се предупредува.

За екстремно десничарската Швајцарска народна партија, оваа „неодговорна“ иницијатива ќе им овозможи на паразитите да го искористат системот за социјално осигурување. Најголемата швајцарска партија се обидува да привлече поддршка од гласачите со реклами, вклучително и онаа на која се гледа банкнота од 100 франци како заминува во канализација. Се чини дека таа кампања има ефект.

Во последното истражување на јавното мислење, спроведено од гфс.берн за јавната телевизија ССР, 53 отсто од испитаниците се изјасниле дека ја поддржуваат иницијативата, а 43 отсто се изјасниле дека се против.

Во слична анкета пред неполн месец поддршката за иницијативата изнесуваше 61 отсто. Се помалку е сигурно дека иницијативата ќе го добие двојното мнозинство потребно за усвојување, односно поддршка од гласачите и мнозинство во повеќето од 26-те швајцарски кантони.

„Се надеваме“, рече Мајар.

Во недела, швајцарскиот систем на директна демократија ќе одлучи и за повикот на младите на десничарската Либерална партија, кои бараат старосната граница за пензионирање постепено да се зголемува од 65 на 66 години во следните десет години, со цел да се обезбеди целосно финансирање на пензискиот систем.

Гласањето доаѓа помалку од две години откако швајцарските гласачи тесно одлучија да ја зголемат старосната граница за пензионирање за жените од 64 на 65 години, исто како и за мажите.

Но, се чини дека оваа иницијатива нема шанси за успех. Последните анкети покажуваат дека само 35 отсто од испитаниците ја поддржуваат ваквата одлука, а 63 отсто се против.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ