сабота, 2 март 2024

Шукова: Во подготовка е одлуката за поништувањето на постапката за Чебрен

Во Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) во подготовка е информацијата со која ќе ја известат Владата дека се поништува постапката за тендерот за изградба на ХЕЦ Чебрен, на кој единствен понудувач беше компанијата Архиродон, потврди министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова. Таа кажа дека до денеска утрото не добила информација од грчката компанија зошто се откажале од проектот.

Објавено на

часот

Сподели

„Подготвуваме веќе информација за Владата, а подготвуваме и одлука за поништување и за затворање на процесот за Чебрен“, изјави Шукова на новинарско прашање по денешната  панел- дискусија во Скопје во рамки на кампањата на Владата „Европска иднина, поблиску од кога било“.

Шукова на прес-конференција на 3 јануари, годинава, информира дека тендерот за изградба на Чебрен е пропаднат бидејќи заклучно со 31 декември не пристигнало продолжување на банкарската гаранција од страна на избраниот понудувач на тендерот и со самото тоа гаранцијата веќе не е активна понудата на Архиродон.

„Ги разгледавме сите документи согласно тендерското досие и тендерската документација, постојните закони во државата. МЖСПП како надлежна во овој процес ќе подготви информација и ќе ја информира Владата дека ќе достави одлука за поништување на постапката“, информираше тогаш Шукова.

Таа појасни дека согласно тендерската документација додека била активна банкарската гаранција понудувачот требало да пристапи кон договор за заедничко вложување со ЕСМ, а тоа не го направила и не продолжила банкарската гаранција после 31 декември.

ППЦ-Архиродон на 14 септември 2023 година беше избран за најповолен понудувач на 14. тендер за изградба на реверзибилната хидроцентрала ПАХЕ Чебрен. Подоцна имаше забелешки на јавниот повик и до крајот на 2023 година требаше да одлучи дали ќе продолжи со проектот. Првично одлуката требаше да ја донесе до 14 декември, но Министерството за животна средина и просторно планирање го продолжи рокот до 15 јануари 2024 година заради жалбената постапка која беше во тек, но банкарската гаранција им важеше до 31 декември 2023 година.

Владата на 14 септември 2023 година донесе одлука со која се овозможи реализација на хидроцентралата Чебрен, со проценетата вредност на инвестицијата од околу една милијарда евра. Со одлуката беше предвидена изградба на реверзибилна хидроцентрала со инсталиран капацитет од најмалку 333 мегавати. Предвидено беше Чебрен да има функција на производство на електрична енергија, како и режим на пумпање и враќање на водата назад со што на Црна Река беше предвидено создавање на ново вештачко езеро. По завршување на проектирањето и обезбедувањето на потребните документи се очекуваше да се почне со градба која беше предвидено да трае седум години.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ