Во штрајк се и вработените од Државното правобранителство со истите барања.
Предвидено е да се протестира во периодот од 11 до 11,30 часот, по половина час, а локацијата ќе се менува секој ден. Во петок протестот ќе се одржи пред Министерството за финансии. Од УПОЗ сметаат дека вработените во министерствата се дискриминирани во однос на нивните колеги од Службата за општи заеднички работи на Влада, Генералниот секретаријат, Министерството за здравство, образование, финансии кои добија 30 отсто.
Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски вчера изјави дека излезот треба да биде дискусија, а не првиот одговор на некое неразрешено барање на синдикатите да биде штрајк и протест. Андоновски порача дека решението може да се најде само преку дискусија помеѓу сите засегнати страни, наместо парцијално, секоја институција посебно.
„Генералниот проблем е што дел од министерствата и дел од институциите потпишале колективни договори со поединечни закони и во изминатиот период успеале да ги подигнат платите на одредени вработени, додека администрациајта во министерствата генерално е оставена на истите плати од претходно. Оставено е секое министерство само да решава како ќе се справи. Единственото министерство кое потпишало колективен договор пред изборите е Министерството за финансии. Тоа е генералниот проблем затоа што се носеле ад хок решенија“, рече Андоновски.
Според министерот, најдоброто решение е воведување на систем за плати.
„Систем за плати, тоа е одговорот. Систем за плати во којшто луѓето со исти компетенции, со иста сложеност на работното место, коишто работат на исто ниво, треба да земаат иста плата, затоа што на друг начин ние немаме како да ги мотивираме вработените. Тие секогаш ќе гледаат да заминат некаде каде што има повисоки плати. Ние се доведуваме во ситуација како раководители на институциите да работиме едни против други – кој најмногу може да избоксува за својата институција, не гледајќи дека со тоа правиме штета на институциите од кои што зависиме“, рече министерот.