сабота, 27 јули 2024

Штом Владата го одобри закупот на земјиштето почнува изградбата на фабриката за електрични автомобили, тврди директорот на ТИРЗ

Објавено на

часот

Сподели

По 11 месеци разговори, компанијата која планира инвестиција за електрични автомобили во Тетово потпиша договор со три домашни градежни фирми за изградба на објектот. Моментно се чека Владата да даде согласност на договорот за закуп на земјиште, соопшти денеска директорот на Дирекцијата за Технолошки индустриски развојни зони (ТИРЗ), Јован Деспотовски.

Како што оцени Деспотовски, работите течат, но не со посакуваната динамика.

„Во моментот ‘топката’ е кај Владата. Очекуваме согласност за давање на земјиштето под закуп во наредните неколку недели. Веднаш потоа обврската ќе биде наша, на Дирекцијата, соодветно да го подготвиме земјиштето. Теренот, целата зона таму, е под ризик од поплава. Работите се движат, но не со посакуваната динамика. Подготвителните работи се веќе завршени, имаше тестирање на земјиштето. Практично, работите се почнати, но, сепак, кога ќе видиме багери и градежни машини на локацијата, тогаш можеме да кажеме, да, активностите почнаа, потенцира Деспотовски.

Владата пред една година со „Некст.Е.ГО Мобиле“ потпиша договор за државна помош за нова инвестиција, која предвидува целосно производство на електрични автомобили e.Гоу во ТИРЗ Тетово.

Деспотовски не смета дека врз странските инвеститори во зоните негативно ќе се одрази евентуалното донесување на законот за данок на солидарност со европско знаменце. Според него, по разговорите со засегнатите компании минатата година, кога законот беше најавен, реакција имало само во еден или во два случаи.

Како што рече денеска Деспотовски на брифинг со новинарите, реакцијата кај бизнисот во однос на овој закон која посебно се интензивираше деновиве од страна на Стопанската комора, беше заради тоа што „не е кажано со време“.

„Со дел од компаниите кои се засегнати, разговаравме минатата година, кога имаше најави за законот. Освен во еден или во два случаја, кај другите немаше реакции, имајќи предвид дека станува збор за еднократно решение. Не е ова закон што ќе остане и што дополнително ќе ги оптовари финансиските текови на компаниите. Се очекува, по стабилизирање на јавните финансии во тој сегмент, дека нема да има потреба од натамошна таква интервенција. Реакцијата беше зошто не е кажано со време. Ќе повторам, само во еден или во два случаја лани, кога се најави, имаше реакција. Потоа иницијативата за комуникација си ја презема Министерството за финансии, кое комуницираше и комуницира со Стопанската комора. Во овој момент не можам да кажам дека кај нас ќе има некакво црвено знаменце поврзано со тоа“, истакна Деспотовски.

Според него, од Министерството за финансии во неколку наврати дел од компаниите активни преку Стопанската комора биле повикани и имале разговорои.

„Не мислам дека законот значително ќе влијае, дека ќе има негативно влијание врз интересот на инвеститорите, ниту врз оние што работат во државата. Бројките ги видовте, доста се солидни“, рече директорот на ТИРЗ. 

Вчера Стопанска комора од прес-конференција уште еднаш апелираше до Владата, која веќе го повлече Предлог-законот за данок на солидарност, целосно да го стопира неговото донесување.

Според Деспотовски, во компаниите во ТИРЗ зоните заклучно со средината на оваа година, надмината е бројката од 17.000 вработени.

Како што рече тој на крајот на минатата година во зоните имало 16.230 вработени, а на средината од оваа година биле регистрирани 17 047. Бројот на вработени во првото полугодие оваа година во компаниите е поголем за пет отсто, додека споредено со јуни минатата година е регистриран пораст од 14 проценти.

„Ја надминавме бројката од 17.000 вработени во зоните. Имаме над 800 нови работни места само од почетокот на годинава. Ова се должи пред се на засилената динамика на вработување, односно на ангажирање луѓе поради новите договори потпишани во изминатите години. Очекувам ваквиот тренд да продолжи и до крајот на годинава“, изјави Деспотовски, презентирајќи ги резултатите од работењето на Дирекцијата во првите шест месеци од 2023.

Меѓу клучните достигнувања и ефектите од работењето на ТИРЗ во првите шест месеци од годинава, се и постигнатите договори за инвестиции од над 280 милиони евра. Тука е, потсети Деспотовски, и најголемата гринфилд инвестиција од осамостојувањето на државата, вредна 205 милиони евра, со тајванскиот електро-гигант „Јагео“.

Деспотовски нагласи дека продолжува и стабилниот раст на извозот.

„Податоците се охрабрувачки и тие ги поткрепуваат нашите очекувања дека растот ќе продолжи. Извозот во првите шест месеци достигна близу две милијарди евра што претставува пораст од 12 отсто во однос на истиот период лани. Моите очекувања се дека оваа година ќе стигнеме близу 4 милијарди евра извоз заради тоа што дел од капацитетите со кои минатата година потпишавме договори ќе започнат со производство и извозот ќе го задржи стабилниот тренд на пораст“, посочи Деспотовски.

Анализата покажува благ пад на увозот од три проценти што пак влијае на пораст на нето извозот. Заклучно со јуни годинава нето извозот е 24 отсто, што е највисоко ниво досега.

„Заради овие бројки и заради зголемениот раст на работни места, уплатите од компаниите од ТИРЗ само на име на придонеси се над 25 милиони евра. Доколку продолжи ваквиот тренд, очекувам до крајот на годинава компаниите по основ на придонеси, персонален данок и данок на добивка да биде околу 100 милиони евра, што доста го надминува она што го исплаќа државата“, посочи Деспотовски.

Не треба да бидеме заложници на политичките процеси во државата. Чекаме и се надеваме дека уставните измени успешно ќе се реализираат. Земјава во очите посебно на странските големи инвеститори, е стабилна и безбедна држава, што е многу важно. Имајќи го предвид тоа, да се обидеме заеднички тој впечаток да го зајакнеме, порача директорот на ТИРЗ, Деспотовски.

Предвидените активности на ТИРЗ, вклучувајќи ја и претстојната кампања, истакна Деспотовски, секако ќе течат.

„Ќе повторам, не треба да бидеме заложници на политичките процеси. Ова го зборувам и како граѓанин и како институција. Не функционираме во изолирана средина во која дирекцијата тера некоја своја приказна, а и инвеститорите нѐ гледаат како целина. Се надевам дека уставните измени успешно ќе завршат“, потенцира Деспотовски.

Директорот на ТИРЗ додаде дека од почетокот на годинава се постигнати договори од над 280 милиони евра кои во следните десет години треба да донесат над 4 600 работни места како и над 90 милиони евра во буџетот само по основ на придонеси. Исто така во завршна фаза на преговори се 4 нови инвестиции со обем од над 150 милиони евра.

Деспотовски очекува и забрзување на неопходните реформи, односно усвојување на законските измени за ТИРЗ и Индустриски зони, како и институционалната реформа, односно интегрирање на Агенцијата за странски инвестиции во ТИРЗ, со што и реално ќе се создаде една точка за инвеститори.

ТИРЗ почнува и кампања за промоција на европски работни места дома, која е посебно насочена кон младите.

-Целта е да поттикнеме поголем интерес за работните места што се отвораат во зоните преку споделување позитивни примери на луѓе кои веќе работат. Да ја приближиме приказната дека сето она што го добиваат како плата, работни услови и слично во западните земји, дека може да го добијат и дома. Ова е еден придонес во рамки на идните напори на Владата, ако не да го спречи, барем да го ублажи трендот на иселување, нагласи Деспотовски на средбата со новинарите.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ