сабота, 27 јули 2024
Филип Клетников

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Што не е во ред со Друштвото на писателите на Македонија?

После подолги внатрешни превирања во раководството на Друштвото на писателите на Македонија, писателите одат на избори. Како поет и филолог, или на македонски, зборољуб, не можам, а да не ја поврзам именката „избори“ (изведена од глаголот „избира“) со еден друг глагол, глаголот „се избори“. Еве ги, писателите ќе избираат, но дали за нешто се изборија? Пред сѐ, дали се изборија за сопствените интереси?

Се чини, најпрвин, дека стереотипот кој го врзува писателскиот повик со извесна хаотичност, поврзана со природата на писателскиот занес, во случајот на ДПМ и не е баш стереотип. Некои писатели (на пример, авторот на овие редови) немаат добиено покана за гласање, и покрај тоа што имаат ажуриран електронски и поштенски контакт. Во кулоарите се прошири муабетот дека новото привремено раководство го врзало статусот на „активно членство“ со новитетот на плаќање членарина. Значи – доколку ова е точно – раководството на ДПМ конечно се избори за нешто, да заведе финансиски „ред“ меѓу сопственото членство (патем, мошне интересен критериум за една писателска асоцијација, финансирана, колку-толку, од државата)! Но што значи членството во ДПМ и каква вредност тоа има за писателот? Се чини, освен доделувањето на некакви награди и наводот во био-библиографската белешка – ништо!

Имено, ДПМ во изминативе години, па и децении, не се избори ни за најелементарните интереси на македонскиот писател: достоинствен минимален авторски хонорар за книжевно дело на конкурсите распишани од Министерството за култура, застапеност на членови на Друштвото во комисиите за издавачка дејност, дефинирање на формални критериуми кои ќе гарантираат стабилна поддршка на книжевните дела на македонските писатели ОД СИТЕ ГЕНЕРАЦИИ – и најпосле, “last but not the least!” – увид во и притисок врз Министерството за култура, кои ќе осигураат дека овие критериуми се почитуваат!

Ако се погледнат конкурсите наназад во изминативе неколку години, токму спротивното е случај: од средствата одвоени за „литература и издавачка дејност“, често пати за литература завршуваат помалку и од десетина од и онака скромните средства, кои, и како такви се скроени по клановски терк (етнички – читај: рамковен, академски, партиски…). Овој феномен (за што веќе имам пишувано) најмногу дојде до израз во мандатот на (не)славната „весела“ министерка Костадиновска-Стојчевска, која бараше од писателите да го расположат народот – ех, Чехов, Достоевски… на што ќе добиете поддршка кај нас! Тоа и не е за чудење, ако се земе предвид дека комисиите за издавачка дејност се најчесто сочинети од разно-разни професори, новинари… кои често пати немаат основен увид во современите текови на македонската книжевност и ја штитат сопствената фела (академската, што е евидентно во огромните дискрепанци помеѓу доделените средства за книжевни и академски трудови) или, пак, „одработуваат“ за партиско-политичко-клановски интереси. Писатели, каде сте? Го знаете ли својот долг?

Дали впрочем писателите ги знаат своите интереси? Зашто, сигурно, издавачите ги знаат своите интереси подобро од нив! Иронично, но токму издавачките асоцијации беа тие, кои – НА НИВО НА ЕСНАФ – најенергично реагираа секоја година на етнизацијата, партизацијата и растечкиот башибозук во распределбата на средствата за книжевната продукција, додека сите писателски еснафи молчеа! На раководните органи на ДПМ, пак, им (беш)е сеедно што токму (видни) членови на оваа „најстара и најреномирана“ писателска асоцијација, застапени во антологии, вреднувани од врвни критичари се меѓу најчесто одбиваните и(ли) – доколку се проврат некако низ „иглени уши“ – најлошо хонорираните автори, без никаков критериум, видлив, па и невидлив!

И уште нешто. Оваа „реномирана“ асоцијација истрајно и тврдоглаво молчи пред етноцидот и културоцидот врз Македонија (секоја чест на поединечни иницијативи), пред агресијата врз македонската автентичност, чиј што глас по дефиниција треба да биде писателот. За појаснување: не станува збор за никаков патриотски, „родољубив“ чин, дури ни за некаква „должност“, туку за најелементарен човечки инстинкт, кој кај писателот и интелектуалецот, како човек на мислата и страста би требало да е понагласен – најнов доказ за тоа е болниот крик ширум американските универзитети против израелската бестијалност кон Палестина. Но ДПМ некако засипна. Од молк. Да не говориме за органската врска помеѓу писателот и јазикот, кој ни го силуваа со „придавка“ – зарем писателот не го РАЗБИРА тоа што и средношколец што учел македонски јазик го знае, имено, дека ако се прошири именскиот израз, нужно се менува неговата форма и значење (па оди ти пишувај писма до утре дека нема „северномакедонци“!).

Едно нешто е сигурно: „најреномираната“ писателска асоцијација, наместо бирократски да се бави со статути, правилници и членарини, веќе одамна требаше да биде реновирана, за членството во неа да има смисла за писателот. Од темел до кров! Освен доколку смислата на  членството не се сведува на екстра реченица во био-библиографската белешка: „авторот е член на ДПМ“.

Филип Клетников, поет

КОЛУМНИ

Ристо Цицонков

Тoплински острови во градовите

Дарко Митревски

Да не се лажеме

Стефан Вељановски

Зошто треба да инвестираме повеќе во жените од руралните подрачја?

Бојан Блажевски

Чечичен молк: Долг е патот до автопат

Наташа Јаневска

Пет проценти од буџетот на државата за образованието е клучот за...

Шанг-Јин Веи

Дaли атентатот ќе му донесе победа на Трамп?

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ