На денешниот брифинг за новинарите од кабинетот на претседателскиот кандидат Стево Пендаровски рекоа дека од сите штабови била добиена начелна согласност за оваа нивна идеја и дека остануваат да се усогласат некои технички прашања. Ова се разбира не ги исклучува соочувањата на претседателските кандидати по другите медиуми.
Дел од кандидатите имале свои услови, од дебатата да се изземат некои од нивните ривали, пред се Стевчо Јакимовски бидејќи е на „црната листа“ на САД и Билјана Ванковска поради нејзините наративи, но од штабот на Пендаровски велат дека тоа не е можно. Државната изборна комисија потврди дека има седум кандидати за претседател на државата и за нас не постојат спорни кандидати, рекоа од штабот на Пендаровски.
Конвенцијата на претседателскиот кандидат Стево Пендаровски ќе се одржи на 2 април во салата „Борис Трајковски“, а на 4 април со отворањето на изборниот штаб во центарот на Скопје и официјално ќе почне кампањата.
За време на кампањата планирано е Пендаровски да посети најмалку 60 населени места.