Документот што разузнавачката служба БНД го споделила со германските министерства не го дава бројот на десничарските екстремистички борци, но ги идентификува како групите Руска царска легија и Русич.
Нивната вмешаност „ја прави апсурдна наводната причина за војната, таканаречената ‘денацификација’ на Украина“, се цитира БНД.
Се смета дека и двете групи учествувале во војната меѓу проруските сепаратисти поддржани од Москва и Киев во источна Украина, која избувна во 2014 година. Неколку извештаи го поврзуваат Русич со Вагнер, мрачната приватна воена компанија поврзана со Кремљ.
Русија испрати војници во Украина на 24 февруари и рече дека целта ѝ е да го „денацифицира и демилитаризира“ својот прозападен сосед, а потоа го префрли фокусот кон источна Украина за втората фаза од кампањата кон крајот на март.
Руската империјална легија е паравоена гранка на ултранационалистичкото Руско царско движење, група на бели расисти посветени на обновувањето на руската империја, кое Соединетите Држави во 2020 година го означија како терористичка организација.
„Дали оваа одлука (да се приклучи кон конфликтот во Украина) е донесена по барање или во консултација со руското раководство“ не е јасно, пишува во анализата на БНД.
Руската царска легија ја објави својата одлука да се вклучи во борбените операции во Украина набргу откако нејзиниот водач Денис Гариев ги повика приврзаниците на „трпеливост“ во почетокот на март, се наведува во извештајот. Се верува дека Русич се вклучил најдоцна до почетокот на април.
Знамето на Руското царско движење беше видено во Украина во средината на март, објави Гардијан, цитирајќи објави на социјалните мрежи од тоа време. Британски Тајмс ги лоцираше борците на Русич што преминаа во регионот Харков во источна Украина во близина на руската граница во почетокот на април.
Гариев, неговиот заменик и уште двајца десничарски екстремисти се верува дека се ранети во борбите, се вели во извештајот на БНД, цитиран од Шпигл. Основачот на Русич Алексеј Милчаков беше ранет веднаш штом групата влезе во Украина.
Според Тајмс, Милчаков и коосновачот на Русич, Јан Петровски, се сретнале на паравоена програма на Руското царско движење за обука. Во извештајот на БНД, цитиран од Шпигл, има фотографии од двајцата со знаме со свастика и хитлеровскиот поздрав.
БНД идентификуваше уште еден член на Русич, Александар М., како воен дописник на руската државна телевизија Први канал, според Шпигл.