сабота, 27 јули 2024

Шпанскиот парламент усвои Закон за амнестија на Каталонците, Санчез обвинет за предавство

Шпанскиот парламент го усвои законот за амнестија со 177 гласа „за“ и 172 „против“, со кој ќе се запре гонењето на Каталонците кои организираа забранет референдум за независност во 2017 година.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Шпанската левичарска влада предводена од премиерот Педро Санчез пред шест месеци објави закон кој може да опфати околу 370 Каталонци, но тој беше правно оспорен и во парламентот од десницата, поради што дури сега дојде на конечно гласање.

Санчез претходно изјави дека законот ќе доведе до помирување и соживот во автономната покраина со 7,5 милиони жители. Десничарските партии во неделата организираа протест во Мадрид, каде според нивната проценка се собраа 80.000 демонстранти, а според владата на Санчез 20.000. Десничарската Народна партија и десничарската „Вокс“ го обвинија Санчез за „предавство“.

„Денес е историски ден. Добиена е битка во вековниот конфликт меѓу каталонската и шпанската нација“, рече застапничката за независност на Каталонија, Миријам Ногуерас, за време на парламентарната дебата.

Партиите кои се залагаа за независност на Каталонија, еден од најбогатите делови на Шпанија, потфрлија на регионалните избори одржани пред две недели. Таму социјалистите на Санчез добија најмногу гласови, но не доволно за сами да формираат влада. Во моментов се водат дискусии за формирање влада.

Во изминатите 14 години, Каталонија имаше влада која се залагаше за отцепување од Шпанија. Поранешниот каталонски премиер Карлес Пучдемон, кој се наоѓа во егзил во Белгија, прогласи независна република Каталонија во 2017 година. Сепак, оваа декларација не беше спроведена.

Малцинската влада на Санчез во Шпанија зависи во парламентот од поддршката на партиите за независност, вклучително и партијата „Заедно за Каталонија“ на која припаѓаат Пучдемон и Ногуерас.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ