Полицијата уапсила 30 лица, ослободила 33 жртви, меѓу кои и една малолетничка, и затворила два бордели.
Кинеската криминална организација била насилна мрежа, која не се двоумела да употреби огнено оружје и други видови ладно оружје за да изврши злосторства или да нападне „ривалски групи“, соопшти полицијата.
Организацијата ја искористила „ранливоста“ на младите жени ветувајќи им „подобра иднина“ во странство, но во реалноста имала намера да ги „експлоатира преку проституција во Грција, Шпанија и САД“.
Некои малолетнички им биле продадени на шефови на други кланови за понатамошна експлоатација.
Во Шпанија жените биле принудувани на проституција во Мадрид, Барселона и Сарагоса „во услови блиски до ропство“. Морале да бидат достапни „24 часа на ден седум дена во неделата“ додека не го исплатат долгот настанат со организирањето на нивното патување во Европа, кој изнесувал околу 20.000 евра, се вели во соопштението на полицијата.
Уапсени се 30 лица, најмногу во Барселона (13) и Мадрид (12).
Криминалната организација водела и илегална имиграциска мрежа обезбедувајќи фалсификувани документи, главно на Кинези, за да патуваат во Европа, од каде што биле испраќани во Централна Америка пред да пристигнат во САД.
Мафијашката мрежа била вклучена и во други криминални активности, вклучувајќи изнуда и трговија со дрога. Трговците со луѓе имале задача да регрутираат малолетници за да продаваат кетамин и други супстанции, додаде шпанската полиција.