сабота, 27 јули 2024

Шпанија и Ирска водат дипломатска офанзива за признавање на Палестина

На дипломатско ниво овој мај веројатно ќе влезе во палестинската историја како исклучително успешен месец. Генералното собрание на Обединетите нации на Палестинците им додели дополнителни права во ОН. Само им недостига правото на глас за да станат полноправни членови.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Сега претстои понатамошно јакнење на статусот на палестинските дипломати на меѓународната сцена.

Пет европски земји се за официјално признавање на Палестина како суверена држава. Станува збор за солидарност со цивилното население во Појасот Газа, но и позиционирање во корист на решение со две држави во блискоисточниот конфликт.

Десничарската влада на Бенјамин Нетанјаху, за кого Меѓународниот кривичен суд сега бара и налог за апсење, остро се противи на решение со две држави.

По упадот на Хамас во Израел, Нетанјаху постави цел уништување на милитантната група која владее со Појасот Газа. Најавена е израелска контрола над палестинските територии.

Но, Израел е под сè поголем меѓународен притисок поради смртоносната воена акција, во која според палестинските податоци веќе се убиени повеќе од 35.000 луѓе, и поради катастрофалната хуманитарна ситуација во Газа.

Шпанија: Искрен посредник на Блискиот Исток?

Особено Шпанија и Ирска сакаат дополнително да го зголемат притисокот со признавање на Палестина. Шпанскиот премиер Педро Санчез, според последните најави, утре намерава да го соопшти датумот кога Мадрид ќе ја признае Палестина.

Санчез водеше бројни разговори со европските партнери за тоа во последните месеци. Извори велат дека прашањето првично го наметнал на ниво на Европската Унија.

Поради одбивањето на Германија и други држави, тој формираше своевидна позитивна коалиција во која се Ирска, Словенија и други држави.

Шпанија има многу добри односи со многу арапски држави, особено оние во регионот Магреб, како и со Турција. Во годините по Втората светска војна тие земји ја штителе Шпанија од економска и политичка изолација меѓу Западот и Истокот.

По завршувањето на диктатурата на Франко во 1975 година, Шпанија воспостави економски односи со Израел, а во 1986 година и дипломатски.

Во годините кои следеа, Шпанија стекна позиција на ценет посредник меѓу еврејската држава и арапскиот свет. блискоисточната конференција во Мадрид во 1991 се смета за почеток на мировниот процес кој заврши со договор во Осло меѓу Палестинците и Израел.

Ирска: Солидарност поради сопствената историја

Ирска исто така гласно ги поддржува Палестинците од првите денови на сегашната војна во Газа. Според последните најави, власта во Даблин планира да ја признае Палестина овој месец.

Ирската влада се фали дека заговара дводржавно решение со целосно суверена палестинска држава уште од 1980 година, подолго од која било друга земја во ЕУ.

Во Ирска силната идентификација со Палестина може да се објасни со историјата. Почнува со функционерот на британската влада Артур Балфур, кој бил одговорен за Ирска, која Велика Британија ја колонизирала во доцниот 19 вел и ѝ ја укинала самоуправата.

Во 1917 година, во меѓувреме британскиот министер за надворешни работи, ја издал таканаречената Балфурова декларација, во која во име на својата влада се заложил за еврејска татковина во Палестина, која тогаш била под османлиска контрола.

Откако тоа подрачје набрзо станало британски протекторат, таму служеле повеќето чувари на редот кои претходно брутално се бореле против ирските бунтовници како паравојска.

Зголемувањето на бројот на Евреите на Блискиот Исток населен претежно со муслимани, во католичка Ирска е споредувано со населувањето на британски протестанти на северот на островот.

Некои Ирци го поврзуваат конфликтот, кој од тоа произлегол во Северна Ирска, со конфликтот на Блискиот Исток.

Поддршка од Словенија, Малта и Норвешка

Шпанската левичарска влада и ирската влада на десниот центар се поддржуваат една со друга и покрај политичките разлики. За на заедничкиот чекор да му дадат повеќе тежина, привлекоа други држави.

Словенија ја почна процедурата за признавање, а гласањето во парламентот би требало да се случи најдоцна до 13 јуни. Слично се размислува на Малта.

Во април во Советот за безбедност на ОН веќе се гласаше за палестинско полноправно членство во ОН, што на крајот го спречи ветото од САД.

Норвешка, која е членка на НАТО и тесно поврзана со ЕУ, размислува за признавање „во текот на пролетта“. Осло се надева дека овој потег ќе резултира со политички единствена палестинска држава наместо „држава на Хамас“.

Различни позиции во Европа

Во Европската Унија палестинската држава до сега ја признаа пред сè државите од централна и источна Европа.

За нив тоа признавање доаѓа од социјалистичкото минато, во кое постоеше идеолошка блискост со лидерот на Палестинската ослободителна организација Јасер Арафат.

Некои од земјите, особено Чешка и Унгарија, сега повеќе важат за поддржувачи на Израел, иако одржуваат дипломатски односи со Палестинците.

Прва и единствена земја која ја призна палестинската држава по влегувањето во ЕУ беше Шведска која тоа го направи во 2014 година.

Други држави, како Германија, одржуваат врски со Палестинските автономни власти, но Палестина како држава сакаат да ја признаат дури и ако Израел тоа го направи.

Инаку, повеќето земји во светот немаат никакви дилеми околу признавањето – 143 членки на Обединетите нации ја признаваат Палестина.

Од поранешните републики на Југославија, Палестина ја признаваат БиХ, Србија и Црна Гора.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ