сабота, 27 јули 2024

Шолц: Русија не е толку силна колку што мислат луѓето сега

Германскиот канцелар Олаф Шолц изјави дека Германија и Европа ќе ѝ помагаат на Украина сѐ додека можат.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Од воена гледна точка, руската војна во Украина е „брутална“, рече германскиот канцелар Олаф Шолц во Бундестагот.

Шолц нагласи дека Германија и Европа ќе ѝ помагаат на Украина сѐ додека можат.

„Ако претседателот на Русија верува дека само треба да ја отседи оваа војна и дека нашата поддршка ќе ослабне, тогаш греши“, додаде тој.

„Ние нема да прифатиме диктиран мир на штета на Украина“, рече Шолц, кој истакна дека границите не треба да се менуваат со сила.

Според него, Германија и Франција, Вајмарскиот триаголник, целата Европска Унија се заедно и тоа е и пораката што ја испраќаат до Русија со сите овие одлуки.

Шолц посочи дека Русија сепак не е силна.

„Русија не е силна“, рече Шолц, нагласувајќи дека манипулацијата на руските избори и репресијата врз опозицијата се знаци на слабост, пренесува Дојче веле.

„Исклучувајќи ги од изборите претседателските кандидати што немаат голема перспектива, но можат да добијат премногу гласови – ништо од ова не е знак на сила“, рече германскиот канцелар пред дводневниот самит на шефовите на држави и влади на ЕУ во Брисел.

Денешниот самит, меѓу другото, ќе се фокусира на поддршката за Украина, ситуацијата на Блискиот Исток, проширувањето на Европската Унија кон Западен Балкан и други теми како миграцијата и земјоделството.

Шолц ја критикуваше дебатата во Германија околу потенцијалната испорака на крстосувачки ракети таурус во Украина, на што канцеларот се противи.

„Дебатата во Германија е смешна“, рече тој.

„Ова е срамно за нас како земја“, рече тој, тврдејќи дека никој надвор од Германија не ја разбира таа дебата.

Тој укажа на фактот дека Германија е втор најголем снабдувач на Украина со воена помош, велејќи дека тоа мора да се признае.

Шолц тврди дека испораката на таурус може да предизвика понатамошна ескалација со Русија и да предизвика Германија директно да биде вовлечена во конфликтот. Тој рече дека Украина ќе може да ги употреби ракетите за да нападне длабоко во руска територија и дека на украинските сили ќе им требаат упатства од германски персонал за да ги употребат.

Шолц, исто така, повика на „навремен „долготраен прекин на огнот“ во Појасот Газа, меѓу другото и на ослободување на заложниците што ги држат Хамас и другите исламистички милитанти.

„Повеќе хуманитарна помош мора да стигне до Појасот Газа“, рече Шолц, додавајќи дека тоа мора да се постигне и со помош на арапските држави.

„Не сакам да кревам никакви лажни надежи овде, но имам впечаток дека сега тоа е пореално отколку што беше долго време“, рече тој.

Хамас е на листата на терористички организации во САД и ЕУ, како и во Израел.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ