вторник, 22 октомври 2024

Шолц најави дека ќе ги заостри законите за ладно оружје и ќе ја засили депортацијата на одбиените баратели на азил

Германскиот канцелар Олаф Шолц кажа дека ќе ги заостри законите за ладно оружје и ќе ја засили депортацијата на одбиените баратели на азил, при посетата на местото на нападот со нож во кое осомничениот исламски екстремист од Сирија е обвинет за убиство на три лица.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Шолц, зборувајќи откако им се придружил на регионалните официјални лица во полагањето бело цвеќе на импровизираниот споменик во градот Золинген, кажа дека е „бесен и лут“ поради нападот во кој се ранети осум лица.

Осомничениот ѝ се предаде на полицијата во саботата навечер, еден ден по нападот на фестивалот по повод 650-годишнината на градот.

Федералните обвинители кажаа дека осомничениот ја споделува радикалната идеологија на групата Исламска држава, на која ѝ се придружил, и дека постапувал врз основа на тие уверувања кога ги напаѓал своите жртви.

На дваесет и шестгодишникот му било одбиено барањето за азил и требало да биде депортиран минатата година во Бугарија, каде што првобитно влегол во Европската Унија, но тоа не успеало зашто извесно време го снемало, пренесуваат германските медиуми.

Ова ги оживеа критиките на владата во однос на миграцијата и депортацијата, прашања во врска со кои таа долго време беше ранлива.

Владата презеде чекори да го реши ова прашање со закони што имаат цел да ја олеснат депортацијата на одбиените баратели на азил, кои парламентот ги одобри во јануари.

Владата исто така презеде закони за олеснување на депортацијата на странци кои јавно ги одобруваат терористичките акти.

„Мораме да направиме сè за да обезбедиме такви работи никогаш да не се случат во нашата земја, ако е тоа можно“, рече Шолц и додаде дека тоа особено ќе го вклучува заострувањето на законите за ладно оружје.

Министерката за внатрешни работи Ненси Фезер претходно овој месец предложи во јавноста да се дозволи само носење ножеви со сечило до шест сантиметри, а во моментов е дозволена должина на сечилото 12 сантиметри.

„Мораме да направиме сè за тие на кои не им е дозволено да останат во Германија да бидат вратени и депортирани“ рече министерката и додаде дека „масовно е проширена можноста за спроведување на такви депортации“.

Шолц рече дека веќе во оваа година дојде до зголемување на депортациите за 30 отсто, но и дека внимателно ќе се разгледа прашањето како да се зголемат овие цифри.

Тој рече дека мерките, вклучително и граничните проверки на источните граници на Германија, го намалија бројот на мигранти што пристигнуваат „нерегуларно“, но дека и тука има простор за подобрување.

По нападот со нож на авганистанскиот имигрант во Манхајм во крајот на мај, во кој еден полицаец е убиен, а уште четири лица се повредени, Шолц вети дека Германија повторно ќе почне да ги депортира криминалците од Авганистан и од Сирија.

Германија во овој момент не спроведува депортации во тие земји.

Владата нема дипломатски односи со талибанските власти во Кабул и засега смета дека безбедносната ситуација во Сирија е премногу кревка за да дозволи депортации таму.

Меѓутоа, Шолц во јуни рече дека неговата влада работи на решенија кои би овозможиле депортација на осудени Авганистанци во соседните земји на Авганистан, а во Германија се расправаше за дозвола на депортации во Сирија.

Портпаролката на Министерството за внатрешни работи Соња Кок кажа во понеделникот дека владата и понатаму „интензивно“ работи на тоа.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ