петок, 26 јули 2024

Шолц: Ќе ги депортираме криминалците од Авганистан и Сирија

Канцеларот Олаф Шолц вчера вети дека Германија повторно ќе започне со депортација на криминалци од Авганистан и Сирија, откако авганистански имигрант уби полицаец и повреди четворица други во напад со нож минатата недела.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Бруталниот напад во Манхајм, кој беше снимен и набрзо стана вирален, ја шокираше земјата. Шолц вчера се обрати во парламентот со говор кој се фокусираше на безбедноста. Говорот на канцеларот доаѓа во пресрет на изборите за Европскиот парламент, каде се очекуваат големи успеси за кандидатите на крајната десница.

„Ме разбеснува кога некој што побарал заштита овде ги прави најтешките злосторства. Таквите криминалци треба да бидат депортирани, дури и ако доаѓаат од Сирија и Авганистан“, рече Шолц, што беше проследено со аплауз од пратениците.

25-годишниот напаѓач, кој уби 29-годишен полицаец, дошол во Германија во 2014 година како барател на азил. „Тука нема место за сериозни криминалци и терористички закани. Во такви случаи, германските безбедносни интереси ги надминуваат интересите на сторителите“, беше јасен Шолц.

Миграцијата беше една од главните теми за време на изборната кампања за Европскиот парламент. Десничарските и екстремно десничарските партии се ориентираа на гласовите на оние кои се незадоволни од доаѓањето на милиони мигранти во Европа.

Зборувајќи за минатонеделниот напад со нож, Шолц изјави дека „она што се случи во Манхајм е израз на мизантропска идеологија на радикалниот исламизам“. „Постои само еден збор за тоа: терор. Му објавуваме војна на теророт“, нагласи тој.

Германија во моментов не врши никакви депортации во Авганистан или Сирија. Берлин нема дипломатски односи со талибанците во Кабул и смета дека безбедносната ситуација во Сирија е премногу кревка за да дозволи депортации таму.

Сепак, канцеларот истакна дека неговата влада веќе работи на решенија кои ќе овозможат депортација на осудените Авганистанци во соседните земји на Авганистан. Се разговара и за повторно дозволување депортации во Сирија.

Шолц, исто така, вети дека ќе ги заостри правилата за депортација за секој друг кој врши или поддржува тероризам. Нејасно е колку брзо, или воопшто дали, германската влада ќе може да изврши повеќе депортации на странски криминалци, бидејќи гломазната бирократија во земјата честопати ги успорува сите политички одлуки.

„Времето на предупредувања и осуди, деманти и соопштенија, помина. Луѓето очекуваат да дејствуваме. Тие очекуваат одлуки“, рече лидерот на опозицијата Фридрих Мерц.

Брита Хаселман, парламентарна лидерка на Зелените, кои се дел од владејачката коалиција на Шолц, се запраша колку се реални плановите за депортација на канцеларот. Таа верува дека ќе биде тешко да се преговара за договор за депортација со талибанците или со соседните земји на Авганистан.

„Ќе треба да испитаме која трета земја треба да биде привлечна за прифаќање терористи или сериозни криминалци. Со нетрпение очекувам да видам до какви одговори ќе дојдеме“, изјави таа.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ