Тој на отворањето на самитот на Берлинскиот процес кој се одржува во Берлин кажа дека сите знаеме колку регионот Западен Балкан сè уште е обликуван од конфликтите од минатото, како и дека е време тие да се надминат и да се свртиме кон иднината.
„Затоа сакам да им порачам на нашите пријатели од Белград и Приштина да не дозволуваат минатото да ги врати назад од патот кон мирна и просперитетна иднина. И понатаму сум уверен дека таа иднина е ЕУ, а таму води само еден пат – целосно спроведување на договорот кој веќе го постигнавте. Определени сме за решавање на билатералните прашања во духот на соработката и со мирољубиви средства. Тоа е она за што се залага Берлинскиот процес“, кажа Шолц.
Истовремено, тој ја пофали деблокадата на ЦЕФТА договорот за слободна трговија бидејќи, како што кажа, овозможува активирање на неколку други договори, како договорот за работни дозволи и рутите за е-трговија.
„Деблокадата на ЦЕФТА договорот не е единствената одлука која ја носиме денес. Ќе потпишеме и два документи кои на луѓето ќе им го олеснат секојдневниот живот. Прво, новиот акциски план за заеднички регионален пазар, основен документ за понатамошно продлабочување на стопанската интеграција. Опфаќајќи ги социјалните и работните аспекти на соработката и мобилноста, ова ќе ја направи прекуграничната работа помалку комплицирана и значително ќе ве приближи кон ЕУ стандардот“, кажа Шолц.