сабота, 27 јули 2024

Шокаровски му возврати на Демири дека нема зголемена смртност на Кардиохирургија: Зошто направивте тектонско нарушување на една успешна приказна?

Разрешен сум незаконски, нема фантомски пациенти и не е точно дека е зголемена смртноста на Клиниката за кардиохирургија, рече денеска д-р Марјан Шокаровски. Кого министерот за здравство Илир Демири на 27 мај го разреши од функцијата директор на Клиниката. Причината, според Демири била бидејќи, како што рече, добил извештај од комисијата што ја формирал дека е зголемена смртноста на Клиниката, за 170 пациенти нема отпусни листи и умреници во „Мој термин“ и имало нарушени меѓучовечки односи на Клиниката.

Објавено на

часот

Сподели

„Моето разрешување е незаконско, бидејќи во мандатот на техничката влада не може ниту да се именуваат, ниту да се разрешуваат раководители. Ги повикувам релевантните институции кои треба да се грижат за законитоста во оваа држава итно да реагираат. Дополнително министерот Демири ги прекина договорите на координаторот за срцева трансплантација при министерството, госпоѓата Андријана Ѓоргиев. Оттука се наметнува нашето прашање дали се наметнува оркестриран напад против државната Кардиохирургија, а со тоа и напад на јавното здравство“, рече Шокаровски пред новинарите.

Тој уште еднаш запраша која е потребата на министерот во заминување да направи вакво тектонско нарушување на една успешна приказна и кому тоа му одговара?

„Во некои медиуми бевме нападнати по повеќе основи како за смртноста, така и за нестручно работење. Информациите почнаа да се шират по формирање на некаква комисија од страна на министерот Демири. Тој се правдаше дека се грижи за работењето, па ја крие намерата да се наруши угледот на клиниката и со што ја обезвреднува макотрпната работа на сите вработени. Тоа е тимот кој неуморно ги третира најкомплицираните случаи во македонското здравство, како во областа на кардиохирургијата, така и во областа на васкуларната хирургија“, вели разрешениот директор.

Шокаровски ги демантираше сите бројки и заклучоци кои се појавиле во некои од медиумите и рече дека тие се неточни и шпекулативни.

Тој посочи дека Комисијата формирана од страна на министерот Демири да ја анализира работата и да ги толкува бројките не е стручна да го стори тоа.

„Назначените доктори од страна на Демири немаат никаков контакт со кардиохируршки пациенти, ниту пак практично искуство во кардиохирургијата. Еден од назначените беше противкандидат за да биде назначен за директор на Клиниката, а поради тоа се доведува во прашање и неговата објективност. Да ги потсетам оние кои знаат, но и оние кои не знаат во медицината постои наука која се нарекува Медицинска статистика. Таа е единствена и релевантна која може да ги даде точните проценти за работата. Тоа што се сподели од страна на медиумите беше селективно, во временски периоди како им одговарало. Тие очигледно сакале да се прикажат што полоши резултати, но и според времето во кое живееме што посензационалистички резултати“, рече Шокаровски.

Докторот тврди дека не се зголемила смртноста на Клиниката откако тој ја предводи од раководната позиција.

„Прецизната статистичка анализа покажува дека нема значајно зголемување на смртноста, туку зголемување на тежината на комплексноста на пациентите за околу 20%. Постои тренд на намалување на смртноста. Последните пет месеци покажуваат дека смртноста е пониска од предвидената, односно од параметарот ‘Евроскор 2’, односно подобри сме од она што се очекува“, потенцира Шокаровски.

Министерот за здравство пред два дена рече дека за разрешувањето на Шокаровски има две причини. Според податоците што стигнале до него, како што рече, имало 170 пациенти кои не се внесени регуларно во „Мој термин“ и немаат отпусно писмо или прилог кон умреница, а таквата бројка Демири вели дека може да ја промени и вредноста на исходот.

Другата причина за разрешување на директорот, според Демири, се крајно нарушените меѓучовечки односи во таа институција.

 

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ