петок, 18 октомври 2024

Шкупи го победи Вардар, Струга со пресврт славеше над Шкендија

Шкупи со 2-0 го доби скопското дерби против Вардар и сега е осамен на врвот на табелата откако Шкендија загуби на гостувањето кај шампионот Струга.
 

Објавено на

часот

Сподели

Шкупи ја оправда улогата на фаворит во дербито против Вардар, релативно лесно дојде до трите бода со кои се зацврсти на лидерската позиција во Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ).

Чаирскиот тим уште од стартот тргна по победата, Вардар одолеваше 25 минути кога по првпат потклекна. Воша постигна гол за водство на Шкупи од 1-0.

Откако го остварија водството, на Шкупи му беше полесно, Вардар стана тимот кој требаше да брка погодок. Момците на Васоски тргнаа офанзивно особено во второто полувреме, а тоа го искористија домаќините.

Во 74. минута Кука постигна гол за предност на Шкупи и од 2-0. До крајот Вардар продолжи да напаѓа и да се обидува да се врати во игра, но не успеа. Бодовите останаа на Чаир.

На дербито кое се играше крај Охридското езеро, Струга со 2-1 ја победи екипата на Шкендија и се искачи на втората позиција на табелата.

По мирното прво полувреме, резултатот го отвори Красниќи во 54. минута со гол од пенал. Шкендија поведе со 1-0. Но само осум минути подоцна наидоа на проблем откако Чинари доби црвен картон.

Струга знаеше како да ја искористи предноста од играч повеќе. Во 73. минута Компаоре изедначи на 1-1, а само две минути подоцна Радески погоди за комплетен пресврт и водство кое значеше и победа од 2-1.

Резултати 13. коло:

Шкупи – Вардар 2-0

Струга – Шкендија 2-1

Вчера

Брегалница – Македонија ЃП 2-3

Работнички – Силекс 1-0

Тиквеш – Гостивар 2-2

Воска – Брера 1-1

Табела: Шкупи 28, Струга 27, Шкендија 25, Силекс 20, Брера 16, Тиквеш 16, Работнички 16, Македонија ЃП 15, Гостивар 15, Брегалница 14, Воска 13, Вардар 11.
 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ